Контролата на Судски совет за Мијалков – глумење лудило откако претече млекото?

by fokus

Судскиот совет ја направи контролата во Апелацискиот суд и утврди дека судии ги чувале со месеци во фиока предметите за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков „откако млекото претече“.

„Доста е глумење лудило“.

Ова се само дел од реакциите на дел од јавноста по вчерашната седница на Судскиот совет на која Работната група го презентираше извештајот и утврди дека судии од овој суд направиле пропусти во четири предмети од висок јавен интерес.

Некои со месеци ги чувале предметите во фиока, а некои со месеци ја пишувале пресудата за предметите на Мијалков.

Судски совет не може да се испере од одговорност со ново спознаенава агилност. Со месеци неколку медиуми секојдневно алармираа дека предметот се чува во фиока, дека има сериозна опасност од застарување итн.

Оваа контрола можеа да ја направат во било кој ден од деветте месеци колку што им требаше да се донесе одлука, ама тоа го прават сега откако млекото претече.

Доста е глумење лудило, е реакцијата на адвокатот Јанаки Митровски објавена на неговиот Фејсбук профил.

Професорката Мирјана Најчевска смета дека тие судии треба да одат во затвор.

Па сега овие судии треба да одлежат казна затвор во висина на максималната која би била изречена за делото на Мијалков и секако забрана за вршење било каква дејност поврзана со правото и конфискација на било какви сомнителни пари кои може да се поврзат со евентуален поткуп. Така се бориш со корупцијата на судиите. Криминалот не смее да се исплати, напиша Најчевска.

Поранешниот разузнавач, Александар Диневски го поставува прашањето кое сега треба да се одговори „Зошто Апелација ги одлговлекувала одлуките?“.

-Апелација одолговлекувала со донесувањето на одлуки за поедини (многу интересни!) предмети. Факт! Клучното прашање е: Зошто? Оној момент кога ќе се најде вистинскиот одговор после една друга многу сериозна истрага (!) е тогаш ќе можеме да зборуваме за систем на владеење на правото. Таа истрага (ако некогаш се случи!) ќе даде одговори и на некои уште побитни прашања кои се наметнаа последните неколку години. Дотогаш, уживајте!, напиша Диневски.

Потпретседателот на владејачката СДСМ, Стефан Богоев во денешното гостување во „Утрински печат“ вели дека судиите конечно треба да се соочат со законот и да се санкционираат како што се санцкионираат политичари и функционери.

Во оваа држава, како што има санкции за политичари и функционери, како што имаме случаи каде и обвинители се соочуваат со закон, конечно треба и судиите да се соочат со закон. Не може единствена санкција за пристрасно постапување на судии да биде Судскиот совет и разрешување. Има случаи во кои за еклатантно прекршување на законските процедури, приказната се завршува со ‘не е повеќе судија“. Ако некој претходно можеби земал мито од стотици илјади евра, вие го санкционирате да не биде повеќе судија. Со парите ќе оди и ќе биде адвокат, рече Богоев.

Сепак засега Судскиот соевет не поведе никаква постапка за ниту еден судија кој постапувал во овие предмети. Работната група ќе продолжи со работа, но неизвесно е дали за некого ќе има одговорност.

Понатаму цениме дека треба да се преземат сите мерки за утврдување дали постојат основи за евентуални одговорности, изјави рече Тања Чачарова-Илиевска, член на Работната група.

Чачарова пак е претседател на тричлената комисија која ја правеше вонредната контрола во Апелација и не реагирала иако била координатор за Апелациониот суд Скопје.

Според нејзината биографија, таа никогаш не била судија, а за член на Судски совет беше избрана во 2021 година. Работела како адвокат, а три години му била посебен советник за правни работи на поранешниот премиер, Зоран Заев. Нејзиното име се најде и меѓу донаторите на СДСМ.

Дека Судскиот совет имал увид во предметите во судовите во интервју за „Фокус“ кажа и претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

-Треба да се има предвид дека Судскиот совет, преку воспоставениот електронски систем, во секое време има увид за предметите во судовите и за целокупното работење на судовите, изјави Адеми за „Фокус“.

И покрај извештајите и седниците останува фактот дека најбитниот предмет на поранешното СЈО за масовното прислушување е на чекор на застари, а засега одговорност за тоа нема за никого.

Фросина Факова-Серафиновиќ

 

Поврзани новости