Контрола на умот и неконтрола на безумието!

by fokus

Пишува: Мерсел Биљали

И на овие избори не видовме нешто конкретно од понудите. Беа спомнати минимални и максимални плати, ама не кажаа како до нив. Ни кажаа дека ќе се развие стопанството, ама не кажа што, како и каде! Ни кажаа дека ќе имаме поправедно општество, ама не ни кажа како ќе ги отстранат судиите и обвинителите арамии! Не ни кажаа ни како ќе ги мотивираат луѓето за идеи, иницијативи и проекти. Не ни кажаа какви понуди ќе добијат тие поединци и групи кои би сакале да работат во стопанството.

Ние имаме фантастични терени погодни за големи ски центри, ама не видовме ниедна идеја, никаква иницијатива, ниту компјутерска анимација како треба да изгледат и да ги понудиме на странските бизнисмени за инвестирање. Ние имаме повеќе од десет локации со термалн води, ама ниеден проект за развој и користење на тие капацитети. Не видовме како ќе ги едуцираме постојните земјоделци и како ќе ги мотивираме младите за таа дејност врз модерни методи и технологии. Нашето земјоделство се уште стагнира во вековната традиција, а светот со голема брзина се менува на овај план. Не видовме како треба да ја заживеме сточарството, а цената на месото и млечните производи констатнтно е висока. Не видовме анимации за селскиот туризам, а многу европски држави oбезбедуваат добри приходи од тоа. Не видовме како можеме да ја експлоатираме водата за пиење како светски стратешки ресурс (сега со повисока цена од суровата нафта). Тоа кај нас се уште е монопол и ортаклук меѓу инвеститорите и владините криминалци. Дури не видовме како ќе се описмени образованието и како ќе се излечи здравството.

А што видовме во кампањата? Па сешто од непотребното и скоро ништо од потребното. Фалење, празни фрази и слогани, оцрнување на другите, навреди и бомби кои праќаат порака дека има и бетер од нас. ДУИ од немањето што, морал да го понуди „премиерот Албанец“ (не знам зошто двете други две парти не ги нерекуваа нивните кандидати како „премиерот Македонец“, за да докрај биде глупо). Ако не можело да биде нормално, барем да бидело смешно и забавно. Премиерот Албанец требаше да собере незаслужни гласови од лаичката маса, кои априори квалитетот го третира за етничко. Тоа е најголема колективна измама што им се има случено на Албанците последниве 50 години. Не знаат дека контролата на умот често доведува до неконтола на безумието. Заев и Мицковски, солидно со нивните изјави го потпомогнаа тоа. Поинаку, кога интегривците би понудиле нешто економско и развојно, многу луѓе би умреле од смеење. Сите знаат, од Брисел до Вашингтон, па и самите гласачи на тој субјект дека полесно може да ве погоди некој метеор или астероид, отколку да видите економска понуда од ДУИ. А уште помалку реализација.

Можете да најдете развојни идеи и кај aмазониските племињата Kajaпо, или кај познатото племе Мура, ама кај интегративците ептен тешко. Тие изборите ги третираат како фрлење коска за секого со цел да не лае, ама и да маше со опашката. Полнеле колку што можеле во околу 70 избирачки места, купувале, изнудиле и пак ваков ризичен резултат. Процентот на излезеност кај Албанците е околу 33 отсто, а во Зајас и во многу други избирачки места на ИЕ-1 и 6 е над 80 отсто. А сите знаат дека во Зајас нема повеќе од 25 отсто гласачи присутни после 20 години бела чума! Во држава каде се почнуваат преговори за членство во ЕУ ова да се дозволи, во најмала рака политичко самоубиство.

Сите знаат дека постојниот партиски криминал е главен кочничар на реформите во судството и другите институции. Партиските изјави за ветингот обично произведуваат или сочни пцовки или црн хумор. Дејствувањето на тие структури се дел од метастазата за која странците залудно мислеа дека само по себе ќе исчезне. Напротив, таа опфати и други витални органи на општеството, па стасавме до степен на „најгрдо општесто за сите“. Властите се менуваат, а подземните патрони остануваат исти, ама секоја година побогати. И секако се повеќе стануваат надземни. Администрцијата, секоја чест на исклучоците, продолжува да биде полнета со неписмени и полуписмени. Судството се води од луѓе за кои малку да копате по нивното минато ќе можете да се заслепите од блескавиот криминал од нивните претходни функции. Со години и деценија во фиоки им беа чувани кривичните пријави, а потоа смениле мислење и сметаа дека сепак токму тие можат да се грижаат за правдата. Исто како што лисицата може да се грижа за правата на кокошките.

Со години и деценија изборите кај албанскиот дел стана чиста фарса. Во суштина тоа е само психолошка војна меѓу чесни и нечесни. Меѓу маса обични граѓани и грст криминалци. Меѓу младите кои бараат нешто ново и неписмените локални и централни функционери на партијата на власт кои со сите сили го чуваат старото. Меѓу надежта за подобра иднина и заробениците на истата. За тие кои ги знаат основните параметри на општата безбедност, ваквата состојба може да ескалира во сериозен безбедносен предизвик. Да останете 20 години со сила на власт без конкретни резултати и дела (освен ако екзодусот не го сметате за успех), не може да заврши поинаку освен со насилство. Овие луѓе (ако воопшто може да се сметат за такви), не ја знаат ни буквата „Б“ од безбедност, ни буквата „Е“ од економијата, ни буквата „О“ од образование, ни буквата „Д“ од демократијата, а ние очекувавме напредок од нив. Исто како да очекувате од волците да ви ги чуваат овците.

Декократијата кај албанскиот дел е сериозно газена. Слична состојба доведе до конфликт во 2001 година, оти тогаш беше нарушено основниот баланс во власта од структурата „верен до смрт“. Сега пак имаме колективно чувство дека сме заробени како општество од криминална структура која делува како политичка партија. Тоа може да доведе до серизен тероризам. Веќе се случија неколку трагични акти, а најопасното беше кумановското. Мислам дека меѓународната заедница е свесна на тоа. Полнењето кутии, уцените и поткупувањата, реформите и промените ги праваат невозможни, а демократијата банална. Тогаш луѓето ќе почнат спасот да го бараат во вонинституционалните дејствувања. Секој Албанец знае дека ако не добивате амин од албанската партија на власт, не сте никој и ништо, а несте ни човек. Надвор од ваквата (не)логика, земјоделецот тешко добива субвенции; социјалец тешко добива социјално; трговец тешко преживува од инспектори; професионалец тешко добива работа. Така изгледа општество за сите неправди. Ако не се смени нешто радикално во функционирањето на институциите, насетувам дека ќе влеземе во пеколна зона која овај пат нема да има етнички предзнак. НАТО ни ги брани само надворешните граници, а внатре самите ја имаме одговорноста. Ако продолжуваме да шураме со криминалот, на крајот и самите ќе постанеме криминалци.

Најдобро решение е широка коалиција без ДУИ, на која статусот опозиција ќе и дојде како лек за метастази. Тоа ќе и дојде како на Сахара дождот. И за нив самите е корисно едно генерално прочистување. Поинаку појаки објективи за општа револуција од сега никогаш немало. Не може паметниот да попушти колку што будалата може да стегне. Че Гевара кажал – кога станувате револуционер како поединец – сите ќе ви се смеат и ќе ве сметат за будали. Кога станувате тројца или четворица, ве сметат за фанатици. Кога станувате десетици, тогаш ве сметат за екстремисти. Кога ќе се соберете стотици или илјадници, тогаш сте радикали. И на крајот кога ќе победите, сите тие кои на почетокот ве оговараа ќе се фалат колку се заслужни за вашата победа.

Поврзани новости