Течат редовни консултации и во партијата и со коалициските партнери по средбата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и пред утрешниот состанок на партискиот врв на СДСМ на којшто Заев треба да ја официјализира оставката, а Алтернатива да одлучи дали ќе биде дел од парламентарното мнозинство.
-Течат редовни консултации и координации и во партијата и со коалициските партнери. За сите детали што ќе бидат официјални јавноста ќе биде известена, велат од СДСМ за Фокус.
Првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ денеска изјави дека по средбата Заев – Гаши, тој имал долг разговор со премиерот, но нагласува дека не се разговарало за кадровски прашања поврзани со евентуален влез на Алтернатива во Владата.
Груби вели дека се согласиле оти во парламентарното мнозинство се добредојдени сите партии кои се за решенија кои ќе овозможат почеток на преговорите со ЕУ.
-Вчера имав долг разговор со премиерот Заев за средбата што ја имал со Алтернатива, денеска ќе имаме средба во врска со случувањата со новото парламентарно мнозинство.
Оценувам дека сите политички партии кои се свесни и се во процес на европска интеграција на Северна Македонија, ќе мора да бидат конструктивни и да станат дел од парламентарното мнозинство, за да се продолжи со реформите и преговорите со нашиот сосед Бугарија, со цел да се добие датум од Европската Унија, изјави Груби.
Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов вели дека засега немаат најава за средба, но не исклучува таа да се случи и во текот на денешниот ден. ЛДП пак не бара информации туку смета дека кога ќе има нешто конкретно во партијата, ќе бидат информирани.
Утре во СДСМ треба да се одржи седница на Централниот и Извршниот одбор на партијата, а според партискиот статут одлуката за распишување избори ја носи Извршниот одбор најдоцна 15 дена по престанокот на функцијата. Лидерот се бира на непосредни избори, со тајно гласање на сите пријавени членови.
Ф.Ф.С.