Конструктивните и деструктивните сили во чувањето на идентитетот

by Fokus

Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Нов поттик за решавање на спорот околу името вчера дојде и од Берлин. Тоа е добра вест за конструктивните сили кои сакаат проблемот да се реши. Се разбира и канцеларката Ангела Меркел потенцираше дека решение не е можно без компромис, кој секако е болен.

Но, за разлика од десегодишниот период на бегање од проблемот и болниот компромис, инфантилното однесување на налутено дете кое на неправдите вели “не играм со вас” и државниот интервенционизам во историјата за да се понудат бајки и митови како компензација на нерешениот проблем, сега имаме политичко лидерство кое се соочува со проблемот. Се соочува исто така со деструктивни и конструктивни сили за негово решавање кои ги има и надвор и дома.

Деструктивните сили се оние кои не сакаат проблемот да се реши, а конструктивните сили се оние кои критикуваат, во насока да се дојде до подобро решение.

Го прочитав внимателно писмото потпишано од 200 интелектуалци и колумната на професорката Гордана Силјановска Давкова “Р. Македонија помеѓу фиромизацијата, македониџизацијата и демакедонизацијата”.

Напишаното го земам сериозно и лично ми пречи дебатата да се сведе на етикетирање кој колку бил интелектуалец и колкав и каков стаж имал во деценијата на груевизмот. Единствено го анализирам напишаното во светло на конструктивноста, односно деструктивноста и нудам свој агол на гледање на идентитетот во обид да се расветли.

СТОЛБОВИТЕ НА ИДЕНТИТЕТОТ

Прво, преговарачкит тим на македонската Влада го одвојува името како предмет на преговори, а идентитетот како нешто за кое не се преговара. Објаснувањето е корисно од популистички аспект, но не е точно. Името на земјата е секако дел од нашиот идентитет, но ако е тоа “се што имаме”, ние практично ништо немаме. Оттука, веројатно е потребно објаснување што е идентитет. Како вовед, една лична идентитетска сторија.

Пред две години се отселив од Македонија и поминав низ еден процес на интроспекција, на анализа на промените (и променетите можности) во околината, соочувајќи се со фактот дека 19-те години знаење и искуството како новинар во Македонија, овде не се конкурентни на пазарот.

Потоа, почнав процес на промена на професијата, на учење, прво јазик, а сега и школо во траење од 2,5 години, за Советник за животни ситуации (Life coach), професија која е најблиску до моето факултетско образование – психолог. Значи своеволно, некој би рекол “предавнички” се откажав од еден голем дел од сопствениот идентитет (Ида Протугер – новинар) за да остварам друга цел во себереализацијата, односно интеграција во новата средина.

Така, на едно од предавањата ни беше претставен моделот на Готфрид Петцолд, прикажан цртеж на куќа, поточно кров кој се држи на пет столба на човековиот идентитет: професијата, социјалното опкружување, телото (вклучително здравјето), материјалната сигурност и моралните вредности. Професорката ни даде задача да ги обоиме одреден процент од столбовите во зависност од тоа колкав дел од нашиот идентитет зафаќа секој од нив.

На пример, ако некој обоил 85 отсто од столбот кој означува работа/професионална реализација, а останатите столбови се многу “послаби”, губење на работа би значело голема идентитетска/животна криза бидејќи со уривање на цел столб има голема опасност да се урне и куќата. Оваа “задача” професорката ни ја претстави како корисна алатка при процена на степенот на криза на клиентот кој би дошол на советување и можностите рушењето на еден столб, да не доведе до дезинтеграција на личноста, туку да се види кои би биле начините за компензација преку работа, поточно јакнење на останатите столбови.

Оваа вежба ми дојде на ум кога ги читам сите коментари на загрижените дека ако се промени името, Македонија ќе го загуби идентитетот. Ако навистина идентитетот на Македонија се потпира единствено или 90 отсто на името, тогаш да, навистина ќе го изгубиме. Но прилично сум уверена дека идентитетот е многу поширок поим од името и се држи на повеќе столбови како јазик, култура, традиција, историја итн.

Во однос на изнесените факти на проф. Силјановска, се согласувам дека со едниот од предлозите, Македонија, со македонска транскрипција, а на латиница или на англиски “Македониџа”, се воведува нов поим/збор, што е понижувачко решение за земјата и го сквернави јазикот кој е можеби најцврстиот столб на нашиот идентитет.

Оттука, моите очекувања би биле интелектуалците во земјата како проф. Силјановска, да се понудат за помош и да извршат притисок македонската страна да биде поинклузивна за предлози кои би довеле до наш предлог за достоинствено решение. Според сегашните најави, ние чекаме Република Грција да донесе на маса предлог за кој би се произнеле, што ни дава пасивна улога.

НЕГИРАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРОБЛЕМОТ СО ИМЕТО

Но, таква понуда и конструктивен предлог нема. Колумната и писмото се во насока на нерешавање на спорот и изнесување на факти кои најкусо и поедноставено може да се сместат во една фраза: светот не е фер, нѐ признаа 137 земји и супер ни е, подобро да се свртиме кон домашните проблеми.

Српскиот психијатар Владета Јеротиќ, во својата книга “Човекот и неговиот идентитет” вели дека нема вистинска слобода без зрелост. Патот кон зрелоста е, вели понатаму, човечката способност за трансформација во однос на околностите, плодно менување на личноста кон се поголема самосталност и самосвесност.

Натаму за идентитетот, Јеротиќ вели дека е тоа јадро кое на личноста и дава чувство на трајност и континуитет. Во време на интензивни општествени промени, револуции и слично, човекот има тенденција да го задржи тоа што му е познато и му обезбедува чувство на континуитет, па прибегнува кон одбранбени механизами.

“Тие одбранбени механизми кои слободно можеме да ги наречеме конзервативни, тежнеат кон континуитет не само на личен план туку и на општествено историски. За да се заштитат од уништување и смрт (тоа е чувство на страв од промените), човековото јас тежнее кон тоа се да остане по старо”, пишува Јеротиќ.

Во моделот на Петцолд со петте столба на идентитетот всушност кај најголем број од луѓето, најстабилен столб е оној со моралните вредности, кои имаат најдолг континуитет и го “чуваат” интегритетот на личноста.

Оттука, имам разбирање дека потписниците на писмото, тргнувајќи од претпоставка дека намерите им се искрени и чесни, дека во свет на динамични промени, особено на Балканот и во Македонија, идентитетот на нацијата го чувствуваат како силен дел од личниот идентитет кој обезбедува сигурност, интеграција а личноста и континуитет.

Оттука донекаде ги разбирам и претставниците на онаа дијаспора кои се организираат на некакви протести, кои во туѓа земја се чувствуваат странци, а националниот идентитет им дава некаков “грб”, чувство на припадност и сигурност, врска со “корените”.

Но, да заминеш во странство за да се интегрираш во свет кој ти нуди поголеми можности, со австралиски или бугарски пасош сеедно, а да протестираш против решавање на проблемот и да им оневозможиш на останатите луѓе од Македонија да се интегрираат и да ги збогатат своите можности за напредок, простете е крајно лицемерно и чист двоен морал.

КОНСТРУКТИВНО СПЛОТУВАЊЕ НА ИНТЕЛИГЕНЦИЈАТА

Јас ја поздравувам храброста и зрелоста на Заев и Димитров како истурени играчи, на луѓето кои не го игнорираат проблемот и бараат решение. Овде како конструктивна критика го гледам предупредувањето на Владе Милчин дека во брзање, може да се направат големи грешки. Токму во конструктивно сплотување на интелектуалците околу издејствување што подобар компромис, лично би сакала да се одвива процесот.

Не мислам дека Владата нема стратегија, бидејќи девет месеци офанзива во надворешната политика не верувам дека беше од туристички побуди, ниту пак мислам дека Заев верува дека Абдула Ѓулен е терорист, туку се работи на мобилизација на пријатели кои би не поддржале во изнаоѓањето соодветно решение.

Но, лично мислам дека Владата не успева да мобилизира доволно домашен капацитет бидејќи ние како најсилно заинтересирани, би можеле да најдеме и најдобра рамка на прифатливи решенија. Ако се работи за конструктивни сили во процесот.

Тука морам повторно да ги цитирам 200 интелектуалци кои велат: “Обидете се да ја сплотите нацијата и да создадете вистински национален консензус околу внатрешните приоритети и демократски вредности, наместо да ѝ давате приоритет на надворешната политика”.

Или, проф. Силјановска која вели дека гледа “опасна криза на лидерството и уште поопасно кокетирање и кооперирање со креаторите и генераторите на политичката и правна криза; понатамошна етнизација/етнократија; јакнење на етносот, наместо на демосот и закана од општествена дезинтеграција; етатизација и слабеење на автентичното цивилно општество; континуитет на партизацијата на државата и конзулство; репартизација, наместо департизација на администрацијата.”

Лично не гледам јакнење на етносот, туку напротив, на демосот, но го делам мислењето дека наместо департизацијата, на сцена е репартизација на јавната администрација. И не само тоа. Еден од основните проблеми што ќе го забрза егодусот на квалитетни кадри во странство е таквата политика на заробена држава од политичките партии на власт, која продолжува и со оваа гарнитура, за жал. Дојде слобода за изразување, но не и слободни и независни институции. Притоа, партиските кадри повторно ги потиснаа стручните кои со право, ќе сакаат да ја напуштат земјата.

Но, според мене, опасна замена на тези е да се тврди дека треба дома да си ги решиме проблемите, а не да се насочиме кон надворешната политика бидејќи верувам дека интеграцијата, а не изолацијата на земјата е клучно решение за излез од тие проблеми. Раздвижување на пазарот на труд, зголемени странски инвестиции, силна конкуренција на домашните компании ќе бидат силен поттик за пораст на економијата, зголемување на стандардот и ќе се јави насушна потреба за квалитетни, а не строго партиски кадри.

Деструктивен е национализмот, деструктивно е да се бара да не се реши проблемот со името и конечно, деструктивно е извитоперувањето на факти кои би го минимизирале проблемот со Грција. Досегашните 27 години ни докажаа дека спорот со името ја изолира Македонија, која така останува под закана да ја снема.

Кога сме кај деструкцијата, на списокот видов историчари кои му дадоа легитимитет на процесот на антиквизација што беше сквернавење на македонскиот идентитет. Со вметнување на историја која нема врска со македонската нација, бидејќи во времето на Александар поимот нации не постоел, а со него не врзува само името на кралството и еден микро дел од географската територија на тогашна Македонија. Среќа потписниците во писмото сега се потпираат на Крсте Петков Мисирков и Кочо Рацин кои се вистински дел од нашиот национален идентитет.

Лично ми беше големо задоволство што додека читав повици за протести на некои претставници на дијаспората, групата Форум за демократска Македонија од која сум дел, споделуваше видео од убава средба на американски уметници, инструменталисти и вокалисти кои ги свират и пејат нашите македонски народни песни во друштво на Македонци кои живеат во САД. Ширење на културата, на традицијата, на вредностите преку интеграција на Македонија во светот се навистина конструктивни сили за чување и промоција на нашиот идентитет.

 

Поврзани новости