Комитетот на американскиот Конгрес кој го истражува нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, изгласа да му се нареди на поранешниот претседател Доналд Трамп да предаде документи и да сведочи за настанот.
Комитетот, составен од седум членови на Демократската партија и двајца републиканци, едногласно одлучи да му нареди на Трамп да ги предаде документите и да сведочи под заклетва за нападот на 6 јануари.
– Тој е личноста во центарот на приказната за тоа што се случи на 6 јануари. Сакаме да слушнеме од него, рече претседателот на комитетот Бени Томпсон.
Гласањето дојде откако комитетот расправаше повеќе од два часа, користејќи изјави, документи и сведочења, докажуваше дека Трамп однапред имал намера да ги оспори изборите во 2020 година, без оглед на исходот, дека не ги повикал да се повлечат илјадниците негови следбеници кои упаднаа во Капитол и оти продолжил лажно да тврди дека се работи за изборен фалсификат, дури и кога блиски советници му кажале дека изгубил.
Според федералниот закон, непочитувањето на повик на конгресната комисија за сведочење или предавање документи е прекршок, што се казнува со затвор од еден месец до една година. Во тој случај, целиот Конгрес мора да гласа дали да го предаде случајот на Министерството за правда, кое има овластување да покренува обвиненија.
За повеќе од една година, конгресниот комитет сослуша повеќе од 1.000 сведоци кои го истражуваа нападот на Капитол, во кој беа повредени повеќе од 140 полицајци, а неколку луѓе загинаа.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го осуди „фијаското“ на парламентарниот истражен комитет за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, кој му наложи да се појави на суд за да биде сослушан за неговата улога во настанот.
Трамп не кажа дали ќе одговори на поканата, но праша зошто пратениците не го повикале „пред неколку месеци“. „Зошто чекаа до самиот крај, до последниот момент од нивната последна седница? Затоа што комитетот е целосно фијаско кое носи само уште поголема поделба во нашата земја“, напиша тој на својата социјална мрежа Truth Social.