Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција рече дека одлуката за притвор на градоначалникот на Битола Владимир Талески била резултат на притисокот на СДСМ врз судиите, бидејќи не станувало збор за правда базирана на какви било докази, туку за класичен политички линч.
-Катица Јанева и судиите кои подлегнаа на притисокот од страна на СДСМ се должни да и објаснат на јавноста како е можно да се бара и да се изрече мерка куќен притвор за градоначалникот Владимир Талевски, а да нема таква мерка за градоначалникот на Струмица кој целата јавност го виде како бара поткуп од едно евро за него и едно евро за Вицето. Како е можно Владимир Талевски, кој редовно се јавуваше на сите судски покани, да биде во куќен притвор, а Зоран Заев, кој јавно изјавуваше дека за него не постојат македонските судови и дека нема намера да се одзива на поканите, да биде на слобода? Како е можно Владимир Талевски, кој никогаш не сторил никакво кривично дело, да биде во притвор, а Зоран Заев, кој неколку пати го повторува криминалот и веќе еднаш е аболициран, да биде недопирлив за Катица Јанева и уценетите судии, рече Коневски.