Денеска во 4 часот наутро е уапсен Сокол Митревски. Генералот Митревски кој беше досегашен градоначалник на Општина Ѓорче Петров ниту е криминалец, ниту сторил нешто за полицијата да се изживува со него и неговото семејство на ваков начин, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешното приведување на екс градоначалникот.
– Жителите на Скопје и целата македонска јавност знае дека Сокол Митревски во 2001 година застана на браникот на Македонија кога некој лица кои сега се наоѓаат во владата или беа на другата страна или бегаа од регрутација. Митревски е човек, кој како воено лице и има служено на државата и нејзините граѓани и се грижел за нивната безбедност. Срамно е Митревски да биде јавно понижуван со упад во неговиот дом и да се вознемирува целото негово семејство, а истиот тој упад е организиран од врхушката на СДС заедно со тие против кои Сокол се бореше во 2001 година – истакна Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, додека СДС од затвор ослободува криминалци како Красниќи или Бајруш Сејдиу, во затвор ги става луѓето кои се бореле за Република Македонија како Сокол Митревски и Едмонд Темелко, кој е единствен македонски градоначалник надвор од Македонија.