ВМРО-ДПМНЕ не одвојува за рекламирање на ТВ Нова, телевизија пред затворање?

by fokus

За време на вториот круг од локалните избори ВМРО-ДПМНЕ најмногу пари издвоила за рекламирање на телевизиите. Некогаш најрекламираната партија, сега заостанува зад СДСМ во средствата издвоени за реклами и пропаганда, вкупно 113.800 евра, од кои половина се за закуп на рекламен простор во телевизиите. Но дел од телевизиите кои некогаш беа најголеми поддржувачки на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, во последните денови од кампањата не добиле ни денар од партијата.

„Фокус“ веќе пишуваше дека СДСМ во вториот круг одвоила за телевизијата Сител најмногу средства, или вкупно 155.000 евра. Наспроти тоа Сител не ќарила ни денар за рекламирање од ВМРО-ДПМНЕ. Друга телевизија која изгледа не е повеќе во милост на ВМРО-ДПМНЕ е ТВ Нова.

За разлика од овие две телевизии кандидатите на оваа партија биле најмногу рекламирани на ТВ Алфа. Од над 50.000 евра колку што партијата потрошила за рекламирање на телевизиите, ТВ Алфа добила 26.039 евра. ТВ Нова во вториот круг од изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ добиле само 24.000 денари, или 402 евра.

Во прилог на ова одат тврдењата дека ВМРО-ДПМНЕ се пренасочува кон ТВ Алфа, телевизија која до пред извесно време едвај опстојуваше. Се поприсутни се шпекулациите дека во следниот период се повеќе ќе се вложува во ТВ Алфа, на сметката на ТВ Нова на која и се заканува затворање.

Телевизијата на бизнисменот Сеад Кочан деновиве се наоѓа во лоша финансиска состојба. Вработените три месеци не добиле плата, постојано им доцнеше и претходно, а голем дел веќе си заминале од редакцијата. Пред неколку години почна амбициозно и со голема помпа, но сега веќе едвај опстојува во етерот. Како што кажуваат вработени од таму, доведена е во прашање програмата затоа што поголемиот број ја бојкотираат работата поради неисплатени плати.

„Им беше даден рок на управителите дека вработените нема да се појавуваат на работа доколку не ги исплатат платите. Бидејќи не дадоа ни денеска плата, дел од новинарите си земаа боледување, а дел дадоа оставки. Здравственото не ни е платено со месеци. Кочан овие денови збореше да се стрпиме, дека странец ќе влезел во телевизија со 50 отсто удел, дека ќе имало пари за плати и за бензин за колите, ама ние не можеме да се стрпиме бидејќи цело време не лажат“, вели вработен во ТВ Нова кој сака да остане анонимен.

Телевизијата беше една од најпросперитетните во македонското медиумско поднебје, со инвестиција која ветува и со високи плати кои го зголемија просекот во новинарите. Уште од почеток отворено ги поддржува политиките на ВМРО-ДПМНЕ, затоа не е јасно зошто го изгуби покровителството на оваа партија.

Од порталите, пак, за време на изборната кампања од вториот круг ВМРО-ДПМНЕ објавила банери на: Прва Република, Спорт Медиа, Портал Њуз и Трендолед кој за рекламен банер на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг добил нешто повеќе од 400 евра.

Партијата на Никола Груевски во вториот круг потрошила вкупно 143.716 евра. Со пријавени приходи од 86.280 евра, влегла во минус од речиси 57.436 евра. За разлика од вториот круг, во само првите десет дена од првиот круг на изборната кампања финансиските извештаи на ВМРО-ДПМНЕ покажаа расходи од 680.000 евра, или 16 пати повеќе од СДСМ.

Поврзани новости