Конечната пресметка на демократските сили против “канцерот” во судството допрва почнува

by Фокус

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

Пошироката јавност досега не го познаваше Никола Ивановски, судијата известител во постапката за оценување на уставноста на измените во Законот за помилување. Јас го познавам. Тоа е судијата што ме осуди на три месечна затворска условна казна и можеби бев прв новинар со пресуда – затвор.

Настанот се случи пред десетина години и подигна дебати во медиумите, но мојата лична сторија ја знаат малкумина. Бев тужена од директорот на една мала банка, за прилог објавен во вестите на „Канал 5“ кој се однесуваше на потегот на Народната банка да ја оцени со највисока оценка оваа банка, иако нејзините акционери беа прилично мистериозни.

БЕВ ФРАПИРАНА ОД ТУЖБАТА

За мене како новинар кој следеше економија беше чудно банка која располага со пари на граѓаните, да биде оценета највисоко во услови кога јавноста не знае кој точно располага со нивните пари. Ако нешто сум погрешила во прилогот, логично беше да ме тужи тогашниот гувернер Петар Гошев чии службеници ја оцениле банката, но немаше никаков демант на прилогот од страна на Народната банка.

Тужба дојде од менаџерот. Бев фрапирана од тужбата, но се соочив со ситуацијата. Од посредници кои го познаваа менаџерот ми беше пренесено да не се закачам со банката затоа што имал моќ да издејствува затворска пресуда за мене, а парична казна немало да ми досудат затоа што знаеле дека сум самохрана мајка и ги немам. Им реков дека не мислам дека некого сум наклеветила, но секој има право да тужи, имам верба во институциите дека делат правда и не ми паѓа на крај на памет да тргувам со јавниот интерес затоа што некој моќник ми се заканува па така почна судската постапка.

Кога на едно од рочиштата судијата Никола Ивановски ме праша врз основа на што сум напишала дека дел од акционерите на банката се три странски фирми со иста адреса во Лугано, му предочив годишен извештај на банката што стоеше на нејзината интернет страница. Го отфрли доказот затоа што не ми бил заверен на нотар?!?

Се обидов да му објаснам дека нам новинарите официјалните интернет страници на фирмите и институциите ни се редовен извор на информации и дека е нон сенс на пример, кога Државниот завод за статистика ќе објави некој индикатор, јас соопштението да го носам кај нотар. Тој се оглуши на тие факти и доказот беше отфрлен.

НАМЕСТО ОДГОВОРНОСТ, СТАНА УСТАВЕН СУДИЈА!

Но, види чудо, само што се вратив од судењето во редакцијата, годишниот извештај исчезна од интернет страницата на банката. Во судскиот процес повикав како сведок член на Антикорупциската комисија (која во тоа време навистина се бореше против корупцијата) бидејќи во тоа време Комисијата објави препораки сите јавни институции како и банки, да ги објават транспарентно органите на управување, сопственоста, акционерството и сл.

Но и неговото сведочење не беше земено предвид. Во пресудата со која казната беше три месеци затвор (условно ако во наредните две години не направам некое друго кривично дело), како “најклеветничка” стоеше реченицата: “Гошев ја почести банката на Костовски со највисока оценка”.

Тоа за волја на вистината не беше моја реченица, иако прилично точно го опишуваше прилогот, но беше практично наслов на прилогот што го пишува и презентира одговорниот уредник на денот кој ја пишува генералната најава за содржините на вестите. Јас таа реченица не ја проблематизирав, затоа што стоев зад прилогот и секој збор во однос на него, така што не беше битно дали за таа или друга реченица ме осудил.

Но, Апелацискиот суд враќајќи му ја пресудата на Ивановски, со право забележал дека при записникот од снимката на вестите со “инкриминирачкиот” прилог, нема доказ дека јас сум ја искажала клеветата.

Нејсе, тогаш бев гневна што случајно или не, пресудата се поистовети со предупредувањата што ги добив иако можеби навистина се работело за “луда” коинциденција, да ми најават и вистина да добијам затворска казна, но секако изгубив верба дека во македонските судови се дели правда. Кога ќе помислам потоа низ што поминуваа колегите од “Фокус”, па Томче Кежаровски, јас практично сум поминала супер.

Неколку години подоцна поминав низ уште едно фарсично судење кога со голема група новинари и активисти бевме наклеветени дека за пари сме работеле против интересите на земјата. Тужевме, но тужениот за кој неодамна во бомбите чувме како нарачува пресуди, беше “амнестиран”.

Судијата Ивановски го видов уште еднаш, надвор од судот и се запрашав дали некогаш ќе дочекаме правдата да се всели во судовите, а таквите како него да понесат одговорност за неправдата што ја делат. Реалноста ме демантираше, тој одеше нагоре, стана уставен судија. Не ни сонував дека ќе доживеам сатисфакција тој да биде казнет.

ТЕФТЕРЧЕТО НА ГОРДЕ

Се разбира, тој формално не е казнет и не верувам дека го гризе совест за тоа што наочиглед на целата јавност се обидува да помогне во спасување на луѓе за кои постојат сомневања дека правеле тешки криминали крадејќи избори и приватизирајќи ги сите државни ресурси за остварување на теснопартиски и мафијашки цели. Но, во мојот вредносен систем, тој е соголен и сега доволна лична сатисфакција ми е што сите гледаат каква “правда” дели.

За жал, наспроти мојата лична “победа”, ние сите сме губитници и заложници на таквото “ткиво” во судството кое е раширено како канцер за што потврда дојде и од објавените разговори во бомбите. Расчистувањето со овој “канцер” ќе почне со отворањето на судските процеси и пресуди, и граѓаните да имаат

можност да видат врз основа на какви “факти” таквите судии делат “правда” и колку правни заврзлами се подготвени да смислат за да ги заштитат криминалците и мафијашите.

Да ги видиме нивните биографии, како напредувале пред и по влегување во “тефтерчето на Горде”. Досега осакатувале лични судбини, семејства, фирми, но сега се на пат да се судрат со целата демократска јавност во земјата. Притисокот да се извлечат од удобните и топли “глувчешки” дупки, во кои се кријат под патронство на власта, доаѓа од нивните стручни и доблесни колеги.

Уставните судии кои се спротивставија на ставот на Ивановски, ги објавија своите мислења. Немаат што да кријат, а имаат што да покажат, стручност и интегритет.

Лани ова време, кога Груевски на прес конференција го обвини лидерот на опозицијата за Пуч, изјави дека сака во отворен судски процес да ги расчисти сомневањата кои произлегуваат од бомбите. Сега, очигледно, сака да ги затвори, односно да ги спречи процесите уште пред да почнат. Бидејќи, не верувам дека некој има дилема дека токму тој е инспираторот и идеологот на операцијата “спас преку Уставниот суд”.

“Сваровски” судиите допрва ќе се “судрат” и со стручноста, фактите и доказите на специјалните јавни обвинители. Притисокот ќе се зголемува.

За оние што не знаат, најголемиот мафијаш во Америка, Ал Капоне “паднал” поради упорноста на чесниот агент на ФБИ, Елиот Нес и неговиот тим. Поради огромната корупција во судството, истражните органи и полицијата, тој исто имал тешкотии да го состави својот тим кој од 50 кандидати се свел на едвај 15-тина кои популарно се нарекувале “Недопирливите”.

Самиот Капоне се фалел дека нема судија што не можел да го поткупи. Но, по 22 тужби против него и серија на јавни судења, на крај од Големата порота бил осуден на 11 години затвор.

Поврзани новости