Бизнисменот Христо Кондовски од СДСМ и епидемиологот Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ на 17 октомври ќе ја бараат поддршката од битолчани за нов предводник на градот на конзулите.
Кондовски во разговор за „Фокус“ вели дека е подготвен да го води овој град и да се вклучи во решавањето на проблемите на битолчани.
„Кога пред мене се поставува проблем, јас веднаш размислувам како да стигнам до решение. Таа моја вештина сметам дека можам да ја искористам за решавање на проблемите на битолчани, моите сограѓани. Подготвен сум сериозно да се ангажирам на полето на општествениот интерес, бидејќи тоа е всушност и мојот интерес и на моето семејство, на моите деца“, го започна разговорот Кондовски.
Како што вели тој, „набилдал“ доволно багаж за да ја води Битола, а намерата е сите негови знаења да ги имплементира во локалното работење на градот.
„Започнав со двајца вработени за досега да стигнам до над 300 вработени во целата држава. Бизнисите кои ги започнав, денеска се успешни и етаблирани. Претежно работам со население и со правни субјекти и тоа во преку 80% од моето делување. Во базата на СН Брокер имаме околу 80.000 клиенти. Намерата ми е своите знаења, вештини, способности и контакти да ги ставам во функција на локалната самоуправа со цел постигнување на максимална ефикасност преку една забрзана динамика. Само успешно менаџирање може да ги даде вистинските резултати посакувани од битолчани“, анализира нашиот соговорник.
Со негова евентуална победа, Кондовски најави дека Битола ќе доживее инфраструктурен бум, но ќе се стави акцент и на запазување на еколошките стандарди. Тој вети и препород на ФК Пелистер кој неколку години е во сериозни проблеми.
„Финансиска помош за клубот се подразбира. Само досега преку СН Групацијата помогнавме со спонзорства во вредност од преку 50.000 евра. Фудбалскиот клуб Пелистер е икона на Битола. Фудбалот е најважната споредна работа на светот и тука не смееме да заостануваме. Ќе направам се ФК Пелистер постепено да добие примат во државата и пошироко“, истакна Кондовски.
Поголем дел од градовите во Македонија се соочуваат со иселување, особено на младата популација, а нашиот соговорник има план како да се задржат во општината.
„Сепак, сметам дека локалната самоуправа треба да биде над политиката. Општината работи за сите граѓани. Вжештената политичка атмосфера треба да заврши со изборите и потоа сите заедно да работиме за граѓаните пред се на локален економски развој. Економијата е основа на се останато. Кога имате развиена економија, ќе има и за спорт, и за училишта, за градинки, култура, и средства за зелени површини. Сето тоа ќе ги задржи младите во Битола“, го заврши разговорот тој.
Планот на „Фокус“ е да направи разговор и со двајцата кандидати и да им отстапи медиумски простор, но со Коњановски тоа не се случи. Иако го баравме телефонски повеќе пати, исконтактиравме со него преку апликацијата Вибер, тој не најде време да одговори на нашиот повик.
Фото – Фејсбук страница на Христо Кондовски
Јорданчо Цветаноски