Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, истакна дека е потребен нов Изборен законик и оти тоа е крајна одлука на Собранието и политичките партии.
-Од 2006 година па навака, 19 години повеќе од 30 пати се направени измени и дополнувања на Законот. Најголем проблем со кој се соочуваме е всушност самиот закон. Нас ни треба навремено донесен еден комплетно нов Изборен законик, каде што сите чинители во изборниот процес ќе партиципираат и ќе дадат свои предлози, искуства, интерактивна дискусија со стручната јавност.
Се разбира крајната одлука е на Собранието, на политичките партии, тоа е нивна одговорност. Знаеме дека Изборниот законик се носи со поширок политички консензус и тоа така треба да биде заради довербата во процесот – рече Кондарко на Сител.
Потенцира дека жали што Собранието не ги усвои измените на Изборниот законик кои, како што рече, ќе помогнеа во интерес на олеснување на работата на ДИК.
-Мене многу ми е жал што не се усвоија тие измени кои беа предложени речиси од сите пратенички групи во Собранието. Тие ќе помогнеа не само за оваа прашање, туку и за многу други прашања кои се во интерес на процесот и во интерес на олеснување на работата на ДИК, значи за технички работи. Не се работи за никакви политички прашања што ќе ја подобреа и олеснеа работата на ДИК – рече тој.
Кондарко нагласи дека независните кандидати ќе можат да учествуваат на локалните избори без собирање на потписи.
-Ние во неколку наврати уште на денот на распишување на избори, на јавна седница многу прецизно и недвосмислено ја информиравме јавноста што е во интерес на изборниот процес на навремено информирање на сите потенцијални учесници дека група избирачи ќе можат да учествуваат на изборите со поднесување на свои листи без собирање на потписи.
Бидејќи Уставниот суд ги укина одредбите од законот за бројот на потребни потписи, меѓутоа правото предвидено во законот постои. Тоа никој не може да го оспори, ниту ДИК може да одлучува во врска со тоа, едноставно директно го применува законот. Правото е неспорно и ние сме сепак сериозен изборен орган кој држи до тоа што ќе соопшти во јавноста. Она што го кажавме, тоа и ќе го спроведеме.
ДИК ја гарантира целосно применета на законот подеднакво за сите учесници во изборите, тоа е политички партии, коалиции, група избирачи. Сите имаат еднакви услови и критериуми. Има и други видови на услови со кои оние што сакаат да учествуваат се должни да бидат запознаени. ДИК ќе ги објави навреме – рече тој.