Пишува Х.Сулејман еф. Реџепи
Поради ментална хигиена, не читам и не следам разноразни портали и порталчиња што, во недостаток на знаење, новинарска умешност, креативност и професионалност, се обидуваат да си обезбедат што повеќе кликови ширејќи говор на омраза. Со таквите сум раскрстил.
Но, како што вели една полувистина- “Правилата постојат за да бидат прекршени“. Така, читајќи една вест за протестите на граѓаните на Крива Паланка, а подржани од нивниот градоначалник во врска со изградбата на една џамија во тоа градче, наидов на антиисламски валканици од кои останав вџашен. Можноста да се изгради џамија на една локација што и припаѓа на ИВЗ предизвикала необјаснив гнев и омраза кај некои “псеудонимци“.
Зошто се вознемирувате бре добри луѓе, што лошо гледате во тоа што во вашата средина ќе никне еден Божји дом. Сте се плашеле, слушам, од “исламскиот фундаментализам“. Иако тој израз му е наметнат на Исламот, иако фундаментализмот е откритие на христијанството дури од пред сто години кога во Америка се раѓаше идејата за “одбрана на вистинските христијански вредности пред иновациите“, признавам дека и ние муслиманите се плашиме од верскиот фанатизам, од било која провениенција.
Стравот лежи кај сите нас, и кај вас, и кај нас, кај сите. Се плашиме подеднако од канцерот, од економската криза, не плаши неизвесната иднина на нашите деца, заканата од дестабилизација на земјата. Но, ние муслиманите посебно се плашиме да не згрешиме пред Бога. Верувам и вие што себеси се представувате како “бранители на христијанството пред продорот на Исламот“ од Бога се плашите најмногу.
Целта на џамиите е да зрачи толеранција
Подсетувајќи дека вредностите и традицијата на Исламот имаат незаменлив придонес кон етничкото и верското богатство на Македонија, сакам да нагласам дека Алаховите домови, значи џамиите,одсекогаш биле центри на духовниот живот и на културниот препород. Во нив, муслиманите, преку своите молитви наоѓаат мир и спокојство, ги ублажуваат своите стравови, дилеми и болки. Поради тоа муслиманите градат џамии,како што имаат намера да ја изградат со Алаховата помош и таа во Крива Паланка, во градчето каде што некогаш постоеле шеесет и пет џамии, а сега нема ниту една.
А бре добри луѓе. Целта на џамиите е да биде центар на племенитите и на добрите муслимани, да зрачи толеранција и љубов со кои што муслиманите на најдобар начин ќе придонесат за заедницата и средината во која што живеат. Бидејќи живееме заедно, време е да сватите кои се основите на нашето верување и во нас да се навикнете да препознавате пријателство и стремеж кон соживот.
Земајќи го предвид сето горенаведено, навистина ме обзема тага од протестите на граѓаните на Крива Паланка против изградбата на џамијата. Тажен сум што еден градоначалник не успева да изнајде сили да излезе пред своите сограѓани со апел да се солидаризираат и тие во акцијата за изградба на џамијата. Тажен сум што моите сограѓани не успеваат вистината да ја видат како вистина, а таа вели дека четириесет проценти од населението во Македонија припаѓаат на Исламот.
Џамиите се Божји домови и Крива Паланка ќе има свој Божји дом
Добри луѓе. Македонија е секуларна држава и во неа не би требало една вера да биде по битна од другите бидејќи сите се подеднакво битни. Исламот и христијанството одсекогаш живееле во хармонија, и токму нивните вредности влијаеле врз психологијата на овдешниот човек. Добриот муслиман и добриот христијанин се одликува со чесност, трудољубивост и толерантност и не гледам зошто и понатаму да не бидеме такви.
И, додека го пишувам овој текст, ме известуваат дека објектот на ИВЗ во Крива Паланка во кој што тамошните муслимани ги извршуваат своите обреди, бил нападнат и демолиран. Луѓе што се сметаат себеси за добри Македонци и добри Христијани го сториле тоа. Истиот ден кога нашите политичари објавиа дека се договориле конечно да и стават крај на кризата што не тресе со месеци и да сторат нешто добро за земјата.
Пораката што пристигна од Крива Паланка е загрижувачка.Таа ги вознемири муслиманите бидејќи,нели, Крива Паланка се наоѓа во Македонија, таму функционираат разграноци на политичките партии што денес ни ветиа подобра Македонија.
Таква ли Македонија ни ветиа во која што ќе се уништуваат и ќе горат џамии, таква ли во која што еден дел на народот ќе стравува за својата безбедност и ќе биде оневозможен да ја практикува својата вера ? Таква ли во која што на некои луѓе ќе им биде дозволено да се однесуваат како неонацистите на Златна Зора ?
Добри луѓе: Џамиите се Божји домови и Крива Паланка ќе има свој Божји дом.