Бизнисите поврзани со поранешниот американски претседател Доналд Трамп добиле најмалку 7,8 милиони долари од 20 различни земји за време на неговиот мандат, според извештајот на комисијата на Претставничкиот дом.
„Овие земји трошеа, честопати раскошно, на станови и хотелски престој во имот во сопственост на Доналд Трамп, лично збогатувајќи го претседателот додека тој носеше надворешнополитички одлуки поврзани со нивните политички цели со далекусежни последици за Америка“, се вели во извештајот.
Меѓу тие земји се Турција, Малезија, Кувајт, Кина, Саудиска Арабија и ДР Конго, пренесува Ројтерс.
Како што се наведува во извештајот, кинеските власти потрошиле најголема сума пари, 5,6 милиони долари во кулата Трамп и во двата хотела на поранешниот претседател во Вашингтон и Лас Вегас.
По Кина следат официјални лица од Саудиска Арабија и Кувајт, кои потрошиле 615.422 долари, односно 465.744 долари за резиденции во сопственост на Трамп.
Кога победи на претседателските избори во САД во 2016 година, Доналд Трамп го препушти управувањето со работите на своите синови, правејќи преседан со тоа што не се откажа претходните афери кога влезе во Белата куќа.
Не долго потоа, Конгресот започна да го истражува прашањето за конфликт на интереси и потенцијалните прекршувања на Трамп на клаузулата за надоместоци од Уставот на САД, која им забранува на високи функционери да примаат подароци од странски земји без согласност на тоа тело.
Истрагата доведе до долга тужба која заврши со спогодба во 2022 година, кога сметководствената фирма на Трамп почна да ја обезбедува бараната документација за добиените пари.
Во извештајот беа разгледани четири имоти, помалку од 1 процент од 558 корпоративни ентитети кои Трамп ги поседуваше директно или индиректно како претседател.