Арсовска потврди дека формира партија, но не откри дали ќе има звучни имиња меѓу членството

by Fokus

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вечерва во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 ги потврди наводите кои изминатите месеци кружеа во јавноста, а кои таа досега ниту ги потврди ниту ги демантира – дека се подготвува да формира политичка партија.

На прашањето дали размислува во насока на формирање политичка партија, Арсовска кусо одговори – „да“, а на дополнително прашање кога може да се очекува нејзино формирање, таа дополни:

Во процес сме на формирање на политичка партија.

На прашањето дали тоа значи дека може да се очекува нејзино учество на претстојните парламентарни избори во мај годинава, Арсовска одговори:

„Toa значи дека сме во постапка да им покажеме на граѓаните дека може поинаку од овие изминати 30 години кога овие две политички елити само си ги менуваат позициите, а остануваат со истите ставови и едвај чекаат да ја зафатат фотелјата и да продолжуваат да го прават истото против кое претходно кажувале дека ќе се борат. Да им укажеме на нашите граѓани дека некој може да дојде и да работи поинаку.

Се додека се прават работи за задоволување на индивидуалните потреби на некој од политичарите од оваа корумпирана политичка елита, нема да има напредок. Ако можам јас сама како индивидуалец да покажам дека може поинаку, верувам дека со сите луѓе кои ме поддржуваат, а голема е бројката на тие граѓани, ќе можам да покажам многу повеќе.

“Фокус” уште пред повеќе од половина година објави дека Арсовска планира да регистрира партија, која ќе го носи името ” Правда”.

Според пристапницата со која располагаме, седиштето на партијата ќе биде во станот на нејзиниот најблизок соработник Драган Митковски.

Поврзани новости