Комисијата за спречување на ширењето на заразни болести утре изутрина ќе се состане за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика.
-Последната информација што ја имавме во Комисијата е дека нема да има целодневен престој. Утре наутро имаме состанок, ќе ги видиме ставовите на Министерството за здравство, на министерот за здравство, на членовите на Комисијата, рече денеска директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, кој присустуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за раст кај децата, а е еден од членовите на Комисијата.
Каква одлука ќе донесат зависи од епидемиолошката слика, од сите случувања во однос на самата болест и од условите и критериумите, кои треба да се исполнат за воведување целодневен престој.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека е направена анализа за бројката на деца коишто би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.
Исјановски не ја исклучи можноста за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од корона вирусот.
Со одлука на Владата родителите на децата до шест години од 23 септември треба да се вратат на своите работи позиции, а исто така и оние кои користат продолжено породилно отсуство.