Комисијата се жали дека присуството на бугарскиот конзул во „Иван Михајлов“ е како обид за влијание

by fokus

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) присуството на генералниот конзул на Бугарија, Димитар Иванов за време на извршувањето на најавениот увид во просториите на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, го доживува како обид за влијание врз нејзината работа.

Од КСЗД, информираат дека по поднесена претставка за дискриминација од здружение на граѓани против Културниот центар „Иван Михајлов“, вчера беше извршен најавен увид во просториите на Центарот во Битола.

– При увидот, спротивно на досегашните практики, констатирано е дека освен претставниците на Здружението, присуствуваше и генералниот конзул на Република Бугарија, г-нот Димитар Иванов. Неговото присуство за време на извршувањето на своите законски надлежности, Комисијата го доживува како обид за влијание врз работата на ова независно тело за еднаквост, но и можност за инструментализација на Комисијата во политички цели, за што го извести и МНР, се вели во соопштението од КСЗД.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, се вели во соопштението, е формирана и работи согласно законот за спречување и заштита од дискриминација и според одредбите содржани во Законот, Комисијата е самостоен и независен орган избран од Собранието на Република Северна Македонија и за својата работа одговара единствено пред оваа институција.

По извршениот увид во просториите на клубот, Весна Бендевска од КСЗД во изјава за медиумите рече дека тоа е сторено по претставка за дискриминација од граѓанско здружение, но не прецизираше за што се однесува претставката, потенцирајќи дека Комисијата нема да прејудицира наводи, туку ќе го објави мислењето откако ќе заврши постапката.

– Согласно наводите во претставката должни сме да ја сослушаме другата страна против која е поднесена претставката и да прибавиме документи. Дојдовме на увид кој е најавен пред една недела и извршивме увид на просториите на потенцијалниот дискриминатор, како што наведува поднесувачот на претставката, изјави Бендевска.

Културниот центар „Иван Михајлов“ беше отворен на 16 април во присуство на претставници на бугарскиот државен врв.

Поврзани новости