Комисијата одобри работа на градинките, за датум ќе се чека одлука од МТСП

by Frosina Fakova

Државните и приватните градинки кои имаат просторни капацитети и доволно персонал, согласно протоколите за заштита од Ковид- 19, може да почнат да работат. Вака гласи постигнатиот договор од денешниот состанок на Комисијата за заштита од заразни болести, со претставници од Министерството за труд и социјална политика и од Министерството на образование, јавува Телма.

-Ако ги исполнат протоколите, може да почнат и од понеделник, ако сакаат. па сега, колку имаат воспитувачи тоа не е до Комисијата, тоа е до градинката, до МТСП. Мислам дека со тие протоколи што ги предложивме ние, што ги предложија тие, најдовме заеднички јазик и дека децата можат да бидат згрижени во градинка, вели Александар Стојанов, член на Комисијата и директор на Центарот за јавно здравје Скопје.

Децата треба да одат во градинка, без разлика дали живееме во услови на Ковид- 19 или не, е ставот на КЗЗБ. Но, препорака за работа во актуелните околности на пандемија , нема за 5 градинки во земјава, зашто не го обезбедуваат предвиденото растојание меѓу децата.

За датум за отворање на градинките се чека официјална одлука од МТСП, а од ресорот Образование, за отворањето на училиштата,најавија дека ќе соопштат до средината на август.

Поврзани новости