Комисија за спречување и заштита од дискриминација: Одбиваме да бидеме вовлечени во политички пресметки

by Fokus

Комисијата за спречување и заштита од дискриминиација најостро се спротивставува на написите во бугарскиот медиум, каде што со невистини и манипулации се напаѓа оваа институција. Во објавениот текст, „Труд.бг“ се повикува на поранешната Комисија за заштита од дискриминација, институција која е укината со носењето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, информираат од КСЗД.

Во текстот се тврди дека испратиле човек на адреса „Бул. Гоце Делчев“ бр 18, во зградата на МРТ и таму не ја нашле Комисијата за заштита од дискриминација, како и дека направиле обид да исконтактираат на електронската адреса contact@kzd.mk и констатирале дека истата е вон функција, исто како и веб-страницата KZD.MK.

-Веднаш донеле „заклучок“ дека Комисијата работи со непостоечка е-пошта и телефон. Очигледно, авторот на текстот чукнал на погрешно место. Адресата на Комисијата за заштита од дискриминација, телефонските броеви, веб страницата и маил адресата кои овој медиум ги објавува веќе подолго време се непостоечки. Комисија за спречување и заштита од дискриминација е ново тело и не е правен
наследник на претходната Комисија за заштита од дискриминација. Ова тело е професионално тело за спречување и заштита од дискриминација, формирано согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација донесен во октомври 2020 година, а избрано од страна на Собранието на 25 јануари 2021 година, се вели во соопштението на КСЗД.

Инаку, седиштето на Комисијата се наоѓа на улица Даме Груев бр. 1 во Скопје, а официјалната маил адреса на Комисијата е contact@kszd.mk, додека веб страницата е во фаза на изработка во соработка со ОБСЕ и се очекува да биде готова овој месец.

-Објавата на текстот во бугарскиот медиум претставува груб обид за вовлекување на КСЗД во политички мотивирани пресметки, а ние како независно тело задолжено за промоција на еднаквоста, превенција и заштита од дискриминација на сите лица, остро реагираме на овие дезинформации. Комисијата во своето кратко постоење, веќе работи на над 150 предмети за заштита од дискриминација, почитувајќи го принципот на интегритет и независност во извршувањето на своите законски надлежности, се заклучува во соопштението од Комисијата.

Поврзани новости