Комерцијална банка преку брза и едноставна процедура ќе им одобри дозволено пречекорување на клиенти кои имале активна сметка во Еуростандард банка и на која примале плата или пензија. Понудата се однесува на сите бонитетни клиенти кои имаат солиден рејтинг во кредитниот регистар на НБРСМ, односно се класифицирани во ризична категорија А или Б, соопшти банката.
-Како општествено одговорна компанија, Комерцијална банка и овој пат ќе се погрижи да излезе во пресрет на потребите на засегнатите граѓани со цел полесно да ги надминат евентуалните финансиски потешкотии. За таа цел, на примателите на плата или пензија во Еуростандард банка им овозможи во следниве експозитури и филијали на Комерцијална банка да отворат трансакциска сметка, со што веднаш ќе им биде одобрено и дозволено пречекорување, постапка која нема да трае подолго од 90 минути.
Пензионерите ќе добијат дозволено пречекорување во висина од една пензија, а за таа цел им се потребни следниве документи: важечки документ за идентификација (лична карта или пасош) и чек од пензија или извод од трансакциска сметка од Еуростандард банка за да се утврди висината на пензијата.
На вработените кои имаат плата повисока од просечната во земјава ќе им се одобри дозволено пречекорување во висина од една просечна плата. На тие што имаат плата пониска од просечната, ќе им се одобри дозволено пречекорување во висина од една минимална плата исплатена во земјава. Потребни документи за аплицирање се важечки документ за идентификација (лична карта или пасош) и заверена потврда од работодавачот, во која ќе биде наведена висината на платата, како и податокот дека платата се исплаќала на сметка во Еуростандард банка. По добивањето на првиот редовен прилив, Банката ќе направи ревидирање на висината на дозволеното пречекорување.
Средствата од дозволеното пречекорување ќе им бидат на располагање на клиентите веднаш по одобрувањето и ќе може да ги подигнат во готово или со нив да вршат плаќање од сметка.
Комерцијална банка им препорачува на сите клиенти дополнително и без надомест да аплицираат и за дебитни картички од програмата на Mastercard или VISA, како и за корисничко име за Интернет банка и за мобилната апликација мБанка на Комерцијална банка, со цел да можат во иднина, безбедно и брзо, од удобноста на својот дом да ги вршат сите банкарски трансакции, објаснуваат од банката.