Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ се вклучи во акциите на меѓународното движење „Слобода наместо страв“ (Freedom not fear) и денеска спроведе герила-акција за подигнување на јавната свест против масовното прислушување.
Комбе со голема сателитска антена кое ги симболизирање „странските служби“ помина пред Специјалното јавно обвинителство, Македонската радио-телевизија, СДСМ и зградата во која се сместени ДИК и неколку министерства.
Активистите на минувачите им делеа летоци на кои пишуваше „Масовно прислушување – Дирекција за безбедност и контраразузнавање. Овозможено од македонските телеком-оператори“ и налепници за мобилни телефони на кои пишување „Уредот се прислушува“ и „Шпиониран уред“.
Меѓународното движење „Слобода наместо страв“ се залага за три основни принципи:
• Слобода на говор во дигиталниот свет и нецензуриран интернет;
• Приватност во општество базирано на знаење, наместо прислушување;
• Слободно живеење, наместо во страв.
Меѓународните денови за акција оваа година се одржуваат од 14 до 17 октомври. Македонија во „Слобода наместо страв“ учествува од 2008 година.