Во пладневните часови во петокот, на главната улица во центарот на Неготино, товарно комбе на пешачки премин прегази седумгодишно дете, кое со велосипед се обидуваше да помине преку улицата.
Детето со телесни повреди беше пренесено во ЈЗУ Неготино, на санирање и утврдување на здобиените повреди. Сега е на домашно лекување, но според зборовите на родителите, следат уште низа на испитувања и снимања.
-Траумата е голема, уште трае утврдувањето на повредите, ни следуваат низа на снимања за да се дојде до точната дијагноза. Благодарни сме на Бога што детето ни е живо, би рекле во релативно добра состојба со оглед на несреќата, но уште е рано да се носат заклучоци. Ни претстои период на лекарски прегледи и контроли – за „Фокус” изјави мајката.
Набрзо по настанот, видео снимка од случката, снимена од камерите на објект пред кој се случи несреќата, се прошири помеѓу граѓаните. Видеото на кое се гледа како детето со велосипедот стои на пешачкиот премин и чека да ја премине улицата, за да по само една секунда откако ќе се подаде на пешачкиот, биде удрено и неколку метри носено од товарното возило, е страшно за гледање. Вистински кошмар за секој родител, за секој човек – вака ја искоментираа неготинчани, револтирани од настанот кој се случи во време кога градот е раздвижен, на локација каде има многу пешаци.
Страотната видео снимка моментално нема да ја објавиме во „Фокус” бидејќи родителите велат дека траумата им е голема, сакаат да размислат пред да решат дали ќе дозволат нејзино објавување во јавност и покрај тоа што им било јасно дека голем број на граѓани веќе ја виделе.
-Не се опишува чувството, самото гледање на снимката ни предизвика доживотна траума. Мораме да размислиме, но доколку објавата на видеото може да придонесе за да се подигне јавната свест за безбедноста во сообраќајот, доколку може да има ефект врз носењето на мерки кои ќе ги заштитат пешаците, посебно децата во сообраќајот, можно е да дозволиме да биде споделена со јавноста. Уште ни е рано за било какви одлуки, засега приоритет ни е состојбата на нашето дете – ни изјави мајката.
Вознемирените граѓани повторно по кој знае којпат, на социјалните мрежи го испратија прашањето до Локалната самоуправа – До кога ќе се чека на поставување на лежечки полицајци во градот, на главната улица, каде редовно се вози како по тркачка писта, пред двете основни училишта, пред средното училиште и пред градинките.
Претседателот на Советот, Диме Витанов во телефонски разговор за „Фокус“ вели дека до крајот на месецот пред двете основни училишта и пред градинката ќе бидат поставени лежечките полицајци. Пред средното училиште, каде во минатото се случија низа на сообраќајни несреќи, како што појаснува Витанов, нема опција да се постават лежечките полицајци, бидејќи се работи за регионален пат.
Исто така, и на критичните места на главната улица „Маршал Тито“ каде се случи и несреќата со детето во петокот и на неколку стотина метри подоле, каде многу ученици минуваат за да стигнат до училиштето „Страшо Пинџур”, а поради маркетите во близина на пешачкиот премин постојано има товарни возила кои вршат дотур на роба и слаба прегледност, нема најава за поставување на лежечките полицајци.
-Се разгледува можност за поставување на соларни светлечки маркери на тие локации, постои таква опција. Она што со сигурност можам да го кажам во моментот е дека пред основните училишта и градинката дефинитивно до крајот на месецот ќе бидат поставени лежечките полицајци – изјави Витанов.
Лежечките полицајци, или уште познати и како успорници, се поставуваат во близина на сите училишта, градинки, но и на места каде треба да се заштитат учесниците во сообраќајот, односно пешаците. За гимназијата во Неготино, каде учениците мора да поминат преку раскрсницата, која е доста прометна за автобуси и камиони, кои со залет по удолницата се движат, „Фокус“ во повеќе наврати во минатото пишуваше и објавуваше апели на родители.
Но, сите апели и барања на граѓаните кои се во интерес на децата и нивната безбедност во сообраќајот како пешаци, со години наназад се игнорирани. Останува отворено прашањето, како да се заштитат пешаците на овие локации, доколку според закон не е изводливо поставување на успорници, а факт е дека се вози пребрзо и секое преминување на овие улици носи ризик.
Од СВР Велес го потврдија случајот во Неготино. Во нивниот извештај е наведено дека во петокот во 13.05 часот во близина на трговски објект се случила сообраќајна незгода помеѓу товарно возило ,,Цитроен Џампер” со скопски регистарски броеви, управувано од П.З. (26) од Скопје и велосипед управуван од седумгодишно дете од Неготино.
-Во незгодата е повреден велосипедистот. Извршен е увид на местото на настанот – наведено е во извештајот од СВР Велес.
Вики Клинчарова