Пишува: Ѓорѓи СПАСОВ
Цел свет им порача на Груевски и Иванов да не го спречуваат парламентарното мнозинство во Македонија да формира влада.
Но, партиите од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ изгледа биле, на пат за Малта преку Истанбул , кај претседателот на Белизе и ја усогласиле следната „Белизе Платформа за единствена Република Македонија“, која ги содржи следниве пет точки:
Прво. Сите партии од сегашното парламентрано мнозинство ,најпрво да прифатат влада да формираат партиите победници на изборите меѓу Македонците и Албанците на изборите што се одржаа на 11 – ти декември. Тоа значи сите да се согласат Иванов веднаш да му го даде повторно мандатот на Груевски, ДУИ да се откаже јавно од Платформата што ја потпиша со сите други политички партии и без услов да формира одново влада со ВМРО ДПМНЕ на чело со Груевски.
Тоа би бил првиот услов за излегување од сегашната политичка криза.
Второ. Сите партии од парламентраното мнозинство по барање на ВМРО ДПМНЕ, да ја прифатат неговата оценка дека „постојат странски агенди за мешање во внатрешните работи на Македонија“ како агендите на Албанија, Бугарија, Грција па и на САД и на ЕУ, но не и на Русија и Србија и да изјават дека ниту една од тие агенди не е прифатлива за Македонија.
Со тоа паранојата на Груевски и неговите најблиски соработници , за Странските служби и Жолтите комбиња, ќе стане државна политика на Македонија.
Трето. Веднаш од парламентарното мнозинство да се согласат дека претседател на Собранието ќе биде некој од парламентарната група која има најголем број пратеници. Тоа значи веднаш и без расправа на таа позиција да се избере одново Трајко Велјановски.
Четврто. Партиите од сегашното парламентрано мнозинство веднаш да признаат дека сите нивни предлози и програми водат кон создавање на бинационален модел на македонското општетсво, а се што предлага ВМРО ДПМНЕ води кон задржување на мултикултурниот модел на развој на Македонија.
Тоа значи дека партиите од парламентраното мнозинство јавно да ја признаат својата грешка, да им се извинат на граѓаните и да се обврзат со потпишување на Платформата дека ќе го имплементираат само моделот на општествено уредување кој според авторите на Платформата може да се нарече мултикултурен а не бинационален.
И петто. Партиите од сегашното владино мнозинство јавно да признаат дека нивен приоритет е редефинирањето на државното устројство на Македонија, а не реформите за евроинтеграција на Македонија. И веднаш да се откажат од таквите приоритети, а да им станат приоритет реформите за евроинтеграција какви што беа приоритетите на ВМРО ДПМНЕ изминатите 10 година.
По прифаќањето на оваа Платформа, и јавното признание на партиите од парламентраното мнозинство дека сакале да го срушат државниот поредок на Македонија, нивните лидери и гласноговорни да се уапсат и да бидат осудени на долгогодишни казни робија за пример на сите што би се обиделе во иднина на направат такво нешто.
По усвојувањето на оваа Платформа од Белизе со одлука на Претседателот Иванов лудилото од овој вид на авторите на Платформата ќе биде прогласено за здравје.