Колумна на Денко Малески: Македонскиот и мелијанскиот дијалог

by Фокус

Текстот е објавен на 01.06.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1182

Гордите Мелијанци, во обид да ја одбранат својата 700-годишна независност, одлучуваат да се спротивстават. Следува страшен пораз: сите мажи се убиени, а жените и децата се продадени во ропство. „Што би направиле вие?“, ги прашувам моите постдипломци. Поголемиот дел од девојките беа за борба до смрт, а поголемиот дел од момците беа за преговори и компромис. Ете, на тоа помислив слушајќи ги исказите на неколку воинствени интелектуалци, некои од најрадикалните, пак, жени, кои зборуваа за македонско-грчкиот спор околу името

Пишувал: Денко МАЛЕСКИ

Малите националистички бранчиња што ги предизвикуваат грчките и македонските политичари и интелектуалци, во време на судбински преговори меѓу двете земји, се закануваат да се претворат во нов националистички бран, кој би можел да ги потопи преговорите помеѓу владите на Заев и на Ципрас.

Зборовите на водачот на грчката опозиција, Киријакос Мицотакис, изговорени некни, се идентични со мислите на сите бранители на уставното име кај нас: „Дваесет години живееме со овој проблем, со ова нерешено прашање, според тоа можеме да живееме уште 2-3 години. Проблемот ќе се реши кога… ќе им служи на нашите национални интереси… Никогаш не сме рекле дека не сакаме решение, но потребно е тоа да биде согласно (нашите) услови…“.

Патем речено, ние со „проблемот“ живееме речиси триесет години, иако, кога би можеле да ги прашаме нашите предци, тие би рекле – сто години. Уште колку ќе треба до конечното помирување помеѓу двата народa?

ИСКОМПРОМИТИРАНИ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ

Следејќи ги телевизиските дебати во Македонија, наоѓам потврда на едно мое лично искуство во политиката: кога е најгусто, ризикуваш да бидеш напуштен од сите. Сега е најгусто во преговорите за името меѓу Македонија и Грција, па Заев и Димитров ризикуваат да бидат напуштени од многумина.

Ретките изјави, каква што е онаа на професорот Влада Урошевиќ, дека промената на името не го загрозува нашиот јазик и идентитет, може да дојдат само од поединци кои силно ја споделуваат големата мака на нацијата и на државата. Зашто, доколку не се реши проблемот за името со Грција, доколку не станеме членка на НАТО и не отвориме преговори со ЕУ, ние, како држава и како народи, сме во многу голема неволја.

Имено, постои сериозна можност сите искомпромитирани интелектуалци, соработници на претходната власт или уживатели на, од нив, подарени привилегии, здружени со луѓе кои се чувствуваат отфрлени од новото раководство на СДСМ, да не пропуштат можност да го предизвикаат и да го јавнат новиот бран на „патриотизам“. Таквиот бран, во овие околности, не се крева лесно како порано, но, докажано е веќе: ништо не носи повеќе морална, политичка, па и „научна“ дивиденда, од одбраната на името на татковината.

Се разбира, останува истиот проблем и доколку се реши прашањето, но, барем државата добива шанса да тргне напред, а дебатата кој бил предавникот може да продолжи.

Од каде доаѓа оваа жестина на зборот кај претставници на интелектуалната фела? Мислам дека доаѓа од една комбинација на тотално непознавање на законите на опасната дисциплина наречена меѓународна политика и на егоизам или, еве, отсуство на емпатија кон маките на сопствениот народ, од кои, тие лично се ослободени.

ВИСОКА МОРАЛНА ПОЗИЦИЈА

Зошто мислам така? Затоа што, да знаеја дека, кога станува збор за правото и правдата, целосно е погрешно да прават аналогии меѓу домашното и меѓународното општество или едноставно, кога силно би сочувствувале со маките на народот, ќе премолчеа. Ќе премолчеа затоа што знаењето и емпатијата се шајки врз кои совеста ви го приковува срцето, па не можете да се оттргнете од нив без да го парчосате.

Конечно, самата помисла каков недостоинствен живот живеат граѓаните на Република Македонија во денешна Европа, би била доволна да ја ублажи осудата врз оние кои бараат излез од таа состојба.

Зборуваме, значи, за интелектуалците и политичарите во македонската дебата, за оние на кои не им треба слобода од сиромаштија, каква што му треба на населението на Македонија. Што прават тие? Англичаните имаат еден израз: high moral ground, во превод – висока морална позиција. Речникот на Вебстер вака го дефинира овој израз: тоа е позиција во која поединецот има морална предност над останатите.

Само по себе тоа не мора да биде лошо: Махатма Ганди, Нелсон Мандела, Мартин Лутер Кинг, Андреј Сахаров или Вацлав Хавел, на пример, заземале највисока морална позиција со својот ненасилен отпор и платиле лична цена. Каква е личната цена која нашите борци за името ја платиле во овие години на независност? Никаква. Денес барем тоа е јасно: од битката за одбрана на името само може да се наплати.

Замислете ја, сега, ситуацијата во која се наоѓа кој било човек што се залага за компромис со Грција, што ќе рече за промена на името, визави човек кој го брани уставното име на државата. Мислам, во дебата, и стотина против еден не би му можеле ништо на некој кој ја зафатил највисоката морална точка. Напротив, бројката на противници само би му „ја зајакнала преговарачката позиција“.

БЕСКОМПРОМИСНОСТ ВО НЕЗНАЕЊЕТО

Но, да се разбере начинот на кој функционира меѓународното општество на држави, не е лесна работа, зашто бара многу работа. Го знам тоа и од лично искуство. На одбраната на докторатот од областа на меѓународните односи, во 1981, на универзитетот во Љубљана, еден од членовите на комисијата не се согласуваше со мојата теза. Тој упорно ја објаснуваше својата позиција, во обид да ми покаже дека грешам. Јас не се предавав.

Бев упорен и се борев лавовски за својата „научна“ вистина. Следеа честитки на насмеани лица, и јас бев промовиран во доктор по политички науки од областа на меѓународните односи. Десетина години подоцна, седнат во библиотека, вниманието ми го привлекува една книга на темата на која спорев со професорот. Читам и заклучувам: тој бил во право, а јас сум грешел. Се сетив на одбраната и се запрепастив од сопствената бескомпромисност во незнаењето.

Зборот ми е: обичниот човек кој се бори на масата на своите деца да стави леб и млеко или да ги школува, нема време за читање. Но, страшно е кога интелектуалци, кои имале на располагање триесет години, а не го правеле тоа, а се сметаат себеси за компетентни да зборуваат за меѓународната сфера, онаа за која Жан-Жак Русо не се осмелувал да коментира.

Што би направиле вие?“, ја прашувам, пред повеќе години, мојата група од дваесеттина постдипломци на крајот од анализата на текстот на грчкиот историчар Тукидид – „Мелијанскиот дијалог“, поглавје од неговата славна книга „Пелопонеските војни“.

Изборот беше дали послабите, во случајов Мелијанците, треба да попуштат пред посилните, Атињаните, или да им се спротивстават и да умрат. Пред да ви го соопштам исходот од оваа ад хок анкета, еве, сосема накусо, за околностите и за тоа како тече дијалогот.

Во тек е војна која трае од 431 до 404 година пред новата ера, помеѓу Атина, која е на чело на Делијанската лига и Спарта која ја предводи Пелопонеската лига. Мелос, малиот остров кој, иако колонија на Спарта, сака да остане неутрален во оваа војна, соочен е со заканата од Атина – да се придружи или да биде уништен.

ВОИНСТВЕНИ ЖЕНИ

Со огромна поморска и пешадиска сила, Атињаните се истоваруваат на бреговите на Мелос со цел да го принудат населението на покорност. Нивните генерали почнуваат преговори за предавање со претставниците на Мелос. Атињаните им порачуваат да не почнуваат со долги говори во обид да ги убедат дека правдата е на нивна страна, зашто „прашањето за правдата се поставува само помеѓу еднакви во сила“. Ние сме силни, а вие сте слаби – силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат.

Атињаните ги повикуваат, уште еднаш, да се придружат на сојузот и да плаќаат придонес, зашто повикувањето на „надежта“ и „правдата“ само ќе ја забрза нивната пропаст. Гордите Мелијанци, во обид да ја одбранат својата 700-годишна независност, одлучуваат да се спротивстават. Следува страшен пораз: сите мажи се убиени, а жените и децата се продадени во ропство.

„Што би направиле вие?“, ги прашувам, поединечно, моите постдипломци. Внимавајте, студентите веќе го знаат страшниот исход. А, сепак, види чудо! Поголемиот дел од девојките беа за борба до смрт, а поголемиот дел од момците беа за преговори и компромис. Ете, на тоа помислив гледајќи ги на телевизија исказите на неколку воинствени интелектуалци, некои од најрадикалните, пак, жени, кои зборуваа за македонско-грчкиот спор околу името, што ме поттикна да го напишам овој текст.

Слушајќи ги, се прашувам, зошто не разбираат дека компромисот во меѓународните односи се прави за посилниот да не му ја „скрши кичмата“ на вашиот народ. Не можат да разберат затоа што, за нив, самиот компромис е „кршење кичма“. Но, дали во меѓународната политика личната непопустливост е „највисоката морална точка“? А народот? Ги советувам внимателно да следат што се случува помеѓу САД и Северна Кореја.

Поврзани новости