КОЛУМНА Арбен Гоља: Најдолни криминалци во судски тоги

by fokus

 Пишува: Арбен ГОЉА

Сериозно размислував дали воопшто да пишувам за катастрофалните состојби во нашава земја, за изгубениот морал, хуманоста и за масакрираната демократија од страна на една, не така мала, маса на дегенерирани умови и нивните инфицирани следбеници.

Имав чувство дека со моите пишувања не допирам доволно до свеста на граѓаните да се тргнат од нездравата и самоуништувачка летаргија, која ги зафатила последниве десет црни години на владеењето на една деструктивна партија-власт.

Тоа не го правев од материјална корист, за моите колумни ниту сум земал, а и ниту сум барал хонорар. Не припаѓам, ниту сум член на некоја партија. Роден скопјанец сум и основниот мотив на моите пишувања е болката во градите предизвикана од сознанието и фактот дека овие монструми ги уништуваат сите вредности на мојава земја, на мојов град, создавани и вградени со декади и векови.

Сепак, последните збиднувања во собранието на 27 април, и особено срамните пресуди на Основниот суд Скопје 1, за насилниците што тепаа и дури тешко повредија пратеници во собранието, ме инспирираа да напишам неколку збора.

За катастрофалната состојба во нашето судство зборував во моето интервју во неделникот „Фокус“, објавено на 5 февруари 2015 година, под насловот „Нема судија јунак кој ќе му определи мерка притвор на Груевски“. Но, на самиот себеси мора да си признаам дека состојбата е многу покатастрофална отколку што претпоставував.

Во моментов ние не сме правна држава, односно немаме судство, туку само оддел на извршната власт, која беспоговорно ги спроведува и ги извршува нејзините наредби.

Дури е зачудувачки со каква лојалност и бескомпромисност судиите ги заштитуваат и ги бранат своите налогодавци-криминалци, иако е повеќе од јасно дека им се ближи крајот. Ова само укажува во колкава мера сегашните судии, чест на ретките исклучоци меѓу нив, се искомпромитирани и длабоко инволвирани во криминалот и корупцијата.

Не ме зачудува за делот на судиите што се избрани за времето на владеењето на оваа деструктивна власт, бидејќи тие се избрани токму со таква цел, но ме чуди и ме згрозува фактот дека во ова криминално милје се вклопија речиси сите судии со по 15, 20, 30 и повеќе години работно искуство, на функцијата судии на Основен, Апелационен или Врховен суд. За Уставниот суд веќе е јасно сѐ мислам дека секаков коментар е излишен.

Најгрубо речено, овие судии, од кој патем речено повеќето и лично ги познавам, го ставија под нозе моралот, професионалната етика и си го продадоа образот за лична имотна корист, работејќи по диктат на нивните „газди“, загазувајќи

во криминал до гуша, трансформирајќи се во најдолни криминалци облечени во судски тоги.

Овие, ќе ги нарачам, креатури од луѓе, го девастираа до крајност судството во земјава, односно, подобро кажано целото правосудство, со што ѝ зададоа сериозен удар, не само на демократските вредности во општеството, туку и на самиот државен систем, бидејќи основниот темел на кој се потпира државата е правниот систем и владеењето на правото. Со своите непрофесионални и неетички постапувања имаат нанесено и несогледливи штети директно на граѓаните, како во граѓанските постапки, така и во кривичните постапки.

Првата задача на новата влада ќе треба да биде комплетна и комплексна реформа на судството и на обвинителството. Комплетен реизбор на судиите и обвинителите, покренување кривични постапки за тие што ја злоупотребиле својата службена положба. Доволно е да се изврши ревизија и увид во предметите на сите судии, и со тоа да се разграничат тие што чесно ја носеле судиската тога од тие кои истата ја ставиле под нозе, а, за жал, мислам дека таквите се во мнозинство.

Нема да има правда за секого, ниту правна држава, сѐ додека постојат судии како Снежана Бајлозова, Јованка Никодинова, и многу други… За основаноста на искажаното во текстов, вие граѓаните се соочувате секојдневно, и како поединци во вашите предмети во судовите, а и од игрите и шиканирањето на СЈО при постапувањето на судовите по нивните барања и жалби.

Безочно и бескрупулозно секојдневно се кршат законите и Уставот од оние кои требаат истите да ги спроведуваат и штитат, т.е. судовите.

Поврзани новости