Колозова: Естетиката на „Скопје 2014“ е врзана со тоталитарен концепт на режим на управување

by Fokus

Скопје 2014 беше наметнато како пропаганден проект иако проблемот не е во пропаганда тука, проблемот е во тоа дали естетиката која што ја наложи е врзана со тоталитарен концепт на режим, на управување, тоа е едното прашање и второто прашање е во однос на културолошко идентитеско прашање, рече професорката по филозофија и културна теорија на конференцијата Школа за пропаганда „АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДа која се реализираше во рамки на изложбата „Станица Пропаганда“ на светски познатиот холандски уметник Јонас Стал.

-За Скопје 2014 и за тој тип рекреација на минатото кога ние го употребуваме зборот антиквизација на Македонија, тоа е многу специфичен и конкретно врзан за конкретни политички мотиви, сметајќи дека идентитетот е загрозен со повикувањето на Грција, со името, називот Македонија, се што е изведенка од Македонија.

Ние на принцип на дијалектиката роб и господар, која создава менталитет решивме да го присвоиме сето она хеленистичко што се врзува за тој дел од историјата на Македонија, за да имаме право на тврдење на тоа како наше.

Идентитетот е нешто што му бега на официјалниот наратив, национален наратив, на официјалната историја, бидејќи идентитетот, чуството на припадност, национална, етничка, културолошка, како сакате го има дури и ако субјектите не ја познаваат историјата, просто не оделе на училиште, додаде таа

Понатаму Колозова истакна дека во истражувањето кое што под нејзино раководство го изведе Институтот за општествени и хуманистички науки во 2013 година, со цел да се измери дали наметнувањето на античката историја преку проектот Скопје 2014 врши насилие на идентитетското себепреспознавање, се дошло до резултати кои го потврдуваат насилието.

„Поставивме 10 историски периоди, 12 историски личности и им дадовме на луѓето да бираат кои се најзначајни за нивниот идентитет. Резултатите кои ги добивме тогаш покажуваа дека антиката е само 5% важна за идентитетот, Алексанадар 7%. Резултатите од анкетата покажаа дека има едно насилие, не се работи за рекреирање на минатото, вели Колозова.

Таа додава дека таа уметност е кич, дека естетски не срами и дека е прашање на културна интима, на нешто што сакаме да го скриеме.

“Што мислам дека лежи и под 2014 и под сите други типови на национализам, национална гордост или здрав патриотизам. Таа форма е следнава, тој е национализам на тажење, на длабока загуба во минатото која нас не конституира.. Мислам дека ова е типично за Југоисточна Европа или за Балканот.

Градење на сопствената национална гордост преку тој акт на оплакување, тој патос на неповратна загуба и конституирање на тоа празно место на загубата. И сега ние сме Република Северна Македонија, го “изгубивме” името. Повторно има загуба, повторно има оплакување на тоа. Бугарија бара да го признаеме нивното малцинство, тука не разбирам зошто има проблемот, кога во суштина дава значење дека сме различни, ако тие се малцинство, но повторно е поврзано со тоа чувство на загуба. И тие нешто крадат од нас, од нашето минато, вели таа.

Според Колозова за жал тој процес е толку пенетрирачки во нашата политичка култура што веќе не препознава лево и десно.

-Левата негова верзија е знаеме која, врзана со авнојското, со комплексот еве Бугарија што не краде повеќе, затоа што тоа е врзано со југословенската ера и социјалистичкиот бекраунд. Десната варијанта на тоа е врзана со оној антиквизациски процес, но во основа двете нешта се исти. Експресијата само на едната страна е некој лажен кич класицизам, лажно европска реконструирана естетика за да се афирмира сопственото европејство, заклучува Колозова.

Панел дискусиите се одржаа во Музејот на Современа уметност, во организација на Факултетот за работи што не се учат на конференцијата Школо за пропаганда „АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА. Од Скопје 2014 до Скопје – Eвропска престолнина на културата 2028“, која се реализираше во рамки на изложбата „Станица Пропаганда“ на светски познатиот холандски уметник Јонас Стал, осум панелисти со различни погледи и искуства изложија различни мислења и аспекти за проектот Скопје 2014 ставен во кореалција со титулата која ја доби градот Скопје – Европска престолнина во 2028 година.

Поврзани новости