Здравствените работници се на крај на нерви откако веќе една недела им доцнат платите поради хакираниот систем на Фондот за здравство.
Тоа што е уште пострашно е што не се исплаќаат и породилното и боледувањата на пациентите, за што веќе вријат социјалните мрежи.
Многу од граѓаните револтирано го критикуваат Фондот за здравство затоа што се е закочено и ништо не функционира, а многу од нив едвај ги чекаат тие пари за да можат да го преживеат месецот.
„Јас сум на породилно трети месец. Живееме само од тие пари и не знам како моето тримесечно бебе, кое нормално дека има многу потреби ќе го поминеме месецот. Во денешно време, едвај со парите што ги заработуваме преживуваме,а не вака да немаме воопшто.
Без разлика на сите објаснувања, мене тоа не ме интересира, како и сите други кои имаат потреба од пари“, вели 34-годишна револтирана скопјанка.
На листата на незадоволни се и здравствените работници, кои на трансакциска сметка сметка веќе неколку денови ги чекат своите плати и најавуваат протести, ако се продолжи со истото темпо.
„И ние како сите други работиме и ја очекуваме својата плата, затоа што и нас не чекаат кредити, а сите знаеме дека банките не чекаат“. Ако деновиве не се реши ништо, тогаш сме приморани да излеземе на протести“, објаснува револтиран лекар.
Од друга страна, Фондот за здравство излегува со соопштенија, во кое нормално си ги брани своите политики.
„Системите постепено во престојните денови ќе се враќаат во функција. Фондот им благодари на граѓаните и здравстевните работници за конструктивноста, поддршката и трепението изминатиот период“, се наведува во соопштението од ФЗО.
Пред повеќе од една недела Фондот за здравство беше цел на сајбер напад и оттогаш ништо не функционира.
Ирена Мулачка