Столтенберг го спореди патот на Украина кон НАТО со оној на Македонија

by fokus

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на денешната прес конференција во Брисел по завршување на министерскиот состанок одговарајќи на новинарско прашање направи паралела помеѓу ситуацијата за членство на Украина во НАТО со онаа на Македонија и Црна Гора во контекст на противењето на Русија овие држави да станат членки на Алијансата.

-Вратата на НАТО за Украина останува отворена. Имаме две нови членки, Северна Македонија и Црна Гора за кои Русија силно се противеше да станат дел од НАТО, но сојзуниците и овие земји го одбраа својот пат и ги поканивме и тие потоа станаа членки.
Но, во овој момент фокусот е на тоа Украина да победи во војната. Затоа што за Украина да може да стане членка на НАТО, прво е потребно да опстане како суверена и самостојна држава, рече Столтенберг.

Тој додаде дека сега е важно Украина да го добие потребното оружје и муниција за да може да одговори на инвазијата од Русија. На подолг рок пак, НАТО работи на модернизирање на украинскиот систем на одбрана и преминување од советски систем на НАТО модерен систем.

За „Фокус“ од Брисел
Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости