Текстот е објавен на 8 април 2011. во неделникот „Фокус“.
Пишува
Никола МЛАДЕНОВ
Големи мајтапчии се портокаловите. До вчера врескаа по Бранко, оти не им давал ,избори веднаш,. Сега, пак, откако и тој некако се кандиса, Груевци допрва се фрлија на носење закони. Така, недели ќе требаат додека конечно распишат избори. Оти, очигледно, и тие поминале на Глигоровјанското сметање на времето, според кое се уште не минале двата месеци од 8 април 1993-та, кога, нели така, требаше да ни го вратат уставното име во Обединетите нации. Затоа, впрочем, само неупатените денес одбележуваат 18 години од нашиот влез во светското семејство на народите. За сите останати, денес е 7 мај 1993 година. Евентуално осми… Максимум 12-ти, и точка, со времето нема пазарење!
Дека тоа е така, доказ се новите гласачи на избирачкиот список, дополнително надграден и проширен од чичо Михајло Маневски и дада Гордана Јанкулоска. Пред два месеци, тие стокмија 1,79 милиони, за денес да не израдуваат со нови 43 илјади гласачи. Зошто е тоа така? Затоа што онаа Роза од либерал-демократка не сакаше да дојде на седница по СМС закажана од батко Трајко Велјаноски. Ем не сакаше да гласа за измените во законот за погребални услуги, ем сега се чуди, оти во Македонија запрел процесот на умирање, па, ете, се јавиле 40-тина илјади непредвидени живи луѓе. Како, богати, да умрат по стар закон за погребување, кога таман беа на дофат на новиот закон, според кој на човека ќе му биде кеиф да испушти душа!?
Но, не е само тоа. Клетите опозиционери не веруваат дека во скопска Гази Баба без проблем се живее и над 100 години. И тоа квалитетно, без осама, во раздрагано друштво. Не е еден, ами 34 граѓани во Гази Баба имаат над 100 години. Но, тие немаат врска со погребалниот закон. Комуњарите може да се прават мутави колку сакаат, ама од авион се гледа дека тоа се сепак нивни партиски војници, кои живеат од инает. Добиле налог да живеат, се додека Груевци не ги реализирале предизборните ветувања. Па макар тоа траело уште еден век. Да, тие очигледно се подготвени на секаква саможртва, само за да и наштетат на угледната ни власт!
Да беше поинаку, тогаш немаше да има вакво мрчење над избирачкиот список, туку, напротив, сите ќе славевме, оти, ете, луѓето веќе не умираат ни во Македонија, а не само ,у Београду,!
Повторно не е јасно, како може во државава да има се помалку народ, а се повеќе гласачи? Е, па, нема ни да ви стане јасно, ако не се вратите малку назад, дури и пред 1993-та година. Имено, како што убаво објасни Илија Димовски, избирачкиот список е жива материја, која прави разлика меѓу населението на Македонија и нејзините државјани, кои со полнолетството имаат право на глас. Имено, во 1991-та година, Македонија имаше безмалку 2,1 милиони жители. На следниот попис, во 2002-та, бевме едвај нешто над 2 милиони. Но, тоа не значи дека народот ни изумира. Точно, во тој период се случува големо иселување од земјава, кое до 2006-та година стигнува до некои 375.000 граѓани, согласно податоците на ООН. Дополнително, во тие две децении, голем број од нашите иселеници се стекнале со македонско државјанство, па, оттаму, сосема е можно, бројот на нашите државјани да достигнал фантастични 2,4 милиони, од кои право на глас имаат свежо преброените 1,835 милиони!
Меѓутоа, доколку сево ова е точно, тогаш се поставува ново прашање: Дали починатите државјани во дијаспората се ажурно бришени од регистарот на државјаните? Запад е Запад, ама гарант не е како Гази Баба, па баш сите да тераат до стотка без мака. На крајот на краиштата, на кој избирачки список треба да се водат државјаните што не биле евидентирани на пописите на населението во Македонија? Дотолку повеќе што и дијаспората се стекнува со право на глас за посебни пратенички мандати. Доколку тоа сепак не се случи сега, тогаш власта ќе мора да направи и да овозможи увид во посебните листи со гласачите што живеат и не живеат во Македонија. Само така ќе може да ја убеди јавноста, дека навистина сака да организира фер избори!
Во меѓувреме, благодарејќи на премудрото водство на Никола Пастир Груевски, Преродбата зачука уште една тројка во Брисел. Придавката ,македонски, изгледа целосно заминува од Европската Унија. Талер го нема, а, од сите силни нови пријатели на земјава, во Европарламентот никој не дигнал глас во наш прилог!
Но, маката не завршува тука. Комесарон Филе веќе констатирал дека земјава не ги остварила реформите, кои Европската комисија ги бара уште од ланската есен. Повторно не карал поради медиумските неслободи. Не бил задоволен ниту од јавната администрација, ниту од аптеката на Маневски, т.е. од прероденото ни судство. Не го бендисале ни меѓуетничките односи. Замислете, тој нешто блада за нужноста од засилен мониторинг на борбата против корупцијата, а не знае дека со враќањето на Мирјана Димовска крај Антикорупционерското кормило, ние веќе сме го апсолвирале тоа прашање. Чурук човек. Допрва треба да ни дојде на гости со Барозо, а, така однапред, на невидено ни дели шлаканици!?
Не знам сега, каква смисла имаат деноноќните подготовки на министерот Наумовски, кој најави дека на гостите од Брисел ќе им ги објасни нашите достигнувања уште од аеродромската зграда, штом стапнат на наше тло. Што се вели – во живо, оти, едно е нив да ги лаже Фуере во извештаите, а сосема друго е кога Васко ќе ги фати под рака, па објективно ќе им каже така, како што навистина е. Живиот контакт е незаменлив. Точно, сами да видат нови судски сали, со свои очи да ѕирнат во објективно телевизиско студио, па час-два да минат низ градилишта со чичко Минчо, на пример, за да сфатат што е права бизнис клима… Ви текнува? Па, после, малку национални јадења, гравче-тавче, џиги-миги, а вечерта во дискотека „69“, со Керим и бате Саше високо да дигнат ,пуне флаше,. Така се прави тоа, а не вака, стопанката, да ни делат пацки на рекла-кажала!
Ова навистина нема смисла. Чуму доаѓањето, ако се веќе товарени со такви гнасни предрасуди?! Како што почнале, тие можеби си умислуваат дека ние не сме подготвени ни за избори… И тоа – веднаш!!!