Колку пари свртеле најголемите градежни компании во земјава?

by Фокус

Во услови на криза, прво предизвикана од пандемијата, а потоа и од руско-украинската војна, најбрзо страдаат проекциите за капиталните инвестиции, а тоа значи помал ангажман и на градежните компании, но добрата страна за градежништвото во изминатиов период е градежната експанзија во однос на станбената изградба, пишува порталот Пари, кој прави рангирање на компаниите со најголем раст во изминатата 2021 година.

Порталот „Пари“, во соработка со Бизнис Мрежа, ги анализираше приходите и добивките на најголемите градежни компании во Македонија, при што заклучокот е дека има промени во 2021 година во однос на најприходните и најпрофитабилните градежни фирми во 2020 година, но дека прометот, односно приходите на врвните 10 позиции е сличен како и лани, а истото се однесува и за добивките.

Првите 10 компании кои се на листата со најголеми приходи, заедно оствариле промет од 144,6 милиони евра. Во 2020 година пак, тие што беа на тогашната листа ТОП 10 компании по приход остварија вкупни приходи од 149 милиони евра. Интересен е и фактот што годинава, листата на најприходните компании е поинаква од ланската.

Сега во првите 10 влегле „Саник инженеринг“- Скопје, „Крмзов –мр“- Струмица, „Џвахир групација“ – Турција, подружница РСМ и „Специјал“-Скопје, а излегле: „Афердита И“- Кичево, „Серка Тааххут Иншаат Ааноним Ширкети“ – Р.Турција – подружница во Гевгелија, „Офис ком“- Скопје и „Сим инженеринг“ – Струмица.

Податоците покажуваат и дека 10-те најголемите компании по приходи не се истовремено и најголеми според добивката. Во групата 10 најголеми градежни компании по добивка не влегуваат: „Крмзов мр“. „Карпош“, „Џевахир“ и „Специјал градба“. Но, затоа, иако не се најголеми по приход, голема добивка достојна за влез во првите 10 компании имаат „Импексел 2“, „Адора“, „Биси“ и „Настел“.

Поврзани новости