Колку пари собрале партиите од државата и од донатори, а колку потрошиле за пропаганда, плати…?

„Фокус“ изврши увид во ревизорските извештаи за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и другите политичките партии, па што откриваат тие? Колку пари лани собрале и од кои извори главно се финансирале? Од друга страна, пак, како располагале со овие средства?

by Фокус

Владејачкиот СДСМ бележи раст на вкупните приливи на парични средства, но кога ќе се навлезе во структурата на приходите, се забележува дека ланската 2023 година собрала драстично помалку пари од членарина и донации, во споредба со претходната 2022 година. Притоа, владејачката партија потрошила повеќе пари на рекламирање, а го стегнале кесето за плати и надоместоци. Во ситуација кога државата се јавува како извор на 90 отсто од приходите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ собрала симболични 423.900 денари по основ на членарини и 3,7 милиони денари од донации, при што како најголем донатор се јавува приватна компанија. Што се однесува до ДУИ, пак, таа предничи според собраните приходи, додека како најголеми донатори фигурираат 4 физички лица со исто презиме.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Најголемата владејачка партија – СДСМ, лани имала приходи од вкупно 119 милиони денари, од кои 2,9 милиони денари потекнуваат од членарина, подароци и донации, што е за дури 6,6 милиони денари помалку отколку во 2022 година. Над 88 милиони денари, пак, се водат како „други приходи“.

Притоа, социјалдемократите потрошиле над 17 милиони денари за реклама, пропаганда и репрезентација, што е за 6,3 милиони денари повеќе во споредба со претходната 2022 година. Значи, пораснале трошоците за маркетинг и ПР.

Ако во овој период од 2022 кон 2023, партијата повеќе трошела за рекламирање и пропаганда, тогаш треба да се каже дека „штедела“ за плати и надоместоци, со оглед дека лани за таа намена издвоила речиси 14 милиони денари, што е за 1,5 милион денари помалку од претходната година.

Понатаму, владејачката партија предводена од Димитар Ковачевски пријавила дека лани потрошила околу 8,7 милиони денари по основ на камати за кредити и заеми, што, пак, е за 3 милиони денари повеќе компарирано со 2022 година.

Дополнително, СДСМ потрошил над 5 милиони денари за транспорт, речиси исто толку за енергија и за наемнини, односно кирии итн. Па, кога на крајот ќе се повлече црта, испаѓа дека партијата собрала речиси 53 милиони денари повеќе отколку што потрошила, а тоа е двојно повеќе отколку во 2022 година.

Во текот на изминатата година, на партиската сметка на Бихаќка легнале вкупно 690 донации, главно од партиски членови и функционери. Станува збор за парични донации од физички лица, при што не може да се сретнат многу донации од фирми и во вид на (ненаплатени) услуги.

ДРЖАВАТА КАКО НАЈГОЛЕМ ФИНАНСИЕР

Во споредба со СДСМ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ лани имала приходи од 15 милиони денари помалку или поточно 104 милиони денари, што, пак, претставува раст за 19 милиони денари, во однос на сопствените приходи во 2022 година. Патем, како најголем донатор се јавува државата, која уплатила над 97 милиони денари или 17 милиони денари повеќе отколку во 2022 година.

Во ситуација кога државното финансирање зафаќа околу 90 отсто од вкупните приходи, водечката опозициска партија прибрала незначителни и симболични 423.900 денари од членарини. Меѓутоа, значително поголема е сумата од донации во парични средства.

Имено, во графата донации евидентирани се 3,7 милиони денари, при што како најголем донатор фигурира фирмата за одржување хигиена „Лувак 2020“, со вкупно донирани 800 илјади денари. Останатите донатори се приватни лица, т.е. пратеници и партиски функционери, кои издвоиле од 25 до 216 илјади денари.

Во однос на партиските расходи, тие изнесуваат вкупно 98 милиони денари, од кои 21 милион денари се за комунални услуги и греење. За реклами и пропаганда, пак, од Белата палата издвоиле 8,6 милиони денари, што е зголемување за 3 милиони денари во однос на 2022 година.

Но, драстично повисок раст се регистрира во ставката за интелектуални услуги, ако се земе предвид дека за таа цел партијата лани издвоила 6,7 милиони денари, а во 2022 за истото биле потрошени само 292 илјади денари?! Воедно, треба да се напомене дека лани, опозициската партија потрошила и 1,4 милион денари за репрезентација.

Наспроти тоа, намалување има кај каматите. За таа цел, партијата предводена од Христијан Мицкоски лани издвоила 6,4 милиони денари, што е околу милион денари помалку. Исто така, пари се трошеле и за плати, закуп, судски и правни трошоци, така што годината завршува со нето-добивка од 6 милиони денари, што е 4 милиони денари повеќе од 2022 година.

НАЈГОЛЕМИ ДОНАТОРИ СО ИСТО ПРЕЗИМЕ

Како и да е, со 156 милиони денари, ДУИ бележи највисоко ниво на приходи. Всушност, две третини од тие пари, или 105 милиони денари се пренесени средства од претходната година. Покрај тоа, 2 милиони денари легнале од камати, 1,5 милион денари од донации, еден милион од членарини…

Меѓу, условно кажано, подарежливите финансиери е партискиот лидер Али Ахмети со 36 илјади денари, додека техничкиот премиер Талат Џафери издвоил 15 илјади денари. Арно ама, овие трансакции се водат како членарини, додека како донатори фигурираат 5 лица со поголеми суми.

Најголем дел од нив, или поточно четворица имаат исто презиме – Алија (Реџеп, Азис, Рафиз и Неџмедин). Сите тие донирале по 335.790 денари. Петтиот поединечен донатор е Муса Ибраими со нешто пониска донација од 183.000 денари.

За информација, „интегративците“ за реклами потрошиле 2,3 милиони денари (5 пати повеќе од 2022), изнајмиле простор и опрема за 1,6 милион денари (3 пати повеќе од 2022), а исто толку пари дале за камати. Во графата „други финансиски трошоци“, пак, впишале 7 милиони денари. Сепак, на крајот имаат голем вишок од цели 135 милиони денари.

Уште една албанска партија – Алијанса за Албанците, која во меѓувреме се подели, остварила приходи од 23 милиони денари, од кои 17 милиони денари од буџетот, 2 милиони денари од членарина, а 1,5 милион денари од донации. Од друга страна, најмногу потрошила за поправки – 3,6 милиони денари, потоа 1 милион денари за реклами итн.

Инаку, државата финансирала и други „помали“ партии, така што на Левица на Димитар Апасиев ѝ доделила 14 милиони денари, на ГРОМ на Стевчо Јакимовски ѝ доделила 8 милиони денари, а по 4 милиони денари им доделила на Твоја, ТМРО, Родина…

Поврзани новости