„Колку и да сме дел од еуфоријата поради карневалот, не го забораваме сограѓанинот Борис Трајковски“

by Фокус

Колку и да сме свртени кон празникот Прочка, колку и да сме дел од еуфоријата од карневалските свечености, Струмица и струмичани не го забораваат својот сограѓанин, Претседателот Борис Трајковски. По повод 19-годишнината од неговата трагична смрт, одржавме чествување со мој пригоден говор и положување свежо цвеќе пред споменикот „Македонија“ во струмичкиот градски парк. Оние кои велат дека времето лечи се, сепак не биле во право… Вечно ќе те паметиме Претседателе Трајковски.

Ова го истакна струмичкиот градоначалник Коста Костадинов, кој денес говореше пред споменикот Македонија, подигнат во чест на претседателот Трајковски. Тој кажа дека претседателот Трајковски раководел со државата во еден премногу тежок период, и оставил неизбришлив траг во македонската историја.

-Беше претседател на сите граѓани на Македонија – изјави Костадинов пред присутните.

Освен членови на семејството Трајковски, на одбележувањето на 19-годишнината од загинувањето на претседателот присуствуваа и претставници од Локалната самоуправа, министерката Јованка Тренчевска, директорот на БЈН Борче Хаџиев, претставници на граѓански здруженија, како и членови на Европската федерација на карневалски градови, кои се во Струмица по повод традиционалниот Струмички карневал кој се одржува деновиве.

В.К.

Поврзани новости