Ликовниот уметник и шампион во стрелање, Дивна Пешиќ – Грозданов се сретна со хрватската претседателка Колинда Грабар. Настанот се случил вчера, во Сињ, на 303 – та Сињска алка, каде во музеј биле изложени делата на Пешиќ, на свеченост под покровителство на Колинда.
Талентираната кавадарчанка, која со семејството веќе неколку години живее и твори во Америка, вели дека средбата со претседателката поминала во доста пријатна атмосфера, и како и е голема чест што била поканета како специјална гостинка на настанот кој што се одржува секоја година во недела, во првата третина на месецот август.
-Уметничките дела кои што ги изложив беа на тема Сињска алка, а средбата со претседателката Колинда помина во една свечена и опуштена атмосфера. И подарив мој каталог, но исто така и честитав и за успехот во фудбал на нејзината земја. И честитав и за храброста и успехот во начинот на кој ја води својата земја. Секако ја искористив пригодата да кажам дека е прекрасна жена, и на изглед и во душа – вели Пешиќ.
Колинда пак, не го криела своето воодушевување од Дивна и од нејзиниот голем талент.
-Дивна, Македонија сигурно се гордее што има културен амбасадор како тебе! Останав без зборови од твоите дела, од успесите и светските награди кои си ги освоила во Америка – и порачала претседателката, заблагодарувајќи и се за насликаните слики за Сињска алка, но и поради тоа што ги почестила со своето присуство на настанот.
Една од сликите, Дивна ја донирала во музејот во Сињ.
Покрај Колинда, на настанот присуствувале голем број на светски познати личности. Никола Франкопан од кралската фамилија на Англија, Стипе Јукиќ, претседател на витешко алкарско друштво Сињ, Паола Виндзор од кралското семејство, чија свекрва е сестра на кралицата Елизабета и многу други. Сите се воодушевиле од уметноста на Дивна, а Паола ја поканила да ги посети во Обединетото Кралство.
Инаку, Сињска алка е хрватска витешка игра, а свеченоста ја одбележува годишнината на победата над турските освојувачи на 14 – ти август 1715 година. Тогаш, околу 700 хрватски војници од Сињ го одбиле нападот на турската војска предводена од Мехмед Паша Челиќ, која броела 60.000 војници.
По настанот во Сињ, Дивна се враќа во родното Кавадарци, каде престојува за време на летниот период.
Вики Клинчарова