Владата на СДСМ донесе измени на законот за трговски друштва со кои ќе може да се основа фирма со само 1 евро, истакна на синоќешната трибина на СДСМ „Агенда Иноватива 20-24“ Кирил Колемишевски, заменик-министер за економија и претседател на комисијата за економија на социјалдемократите.
–Меѓу другото, планираме годишни саеми на знаење, зголемување на финансиската писменост на населението и укинување на партиципацијата за студирање на техничките и медицинските факултети – истакна заменик-министерот Колемишевски.
Притоа, тој најави и други мерки на владината во наредниот мандат, како на пример Програма за бизнис ангели-финансиери, надградба на Фондот за иновации и технолошки развој со јавно приватно – партнерство за финансирање храбри бизниси, секоја фирма во своето електронско сандаче да добива водич како да ги завршат сите обврските спрема државата итн.
-Економијата не може да се развива без луѓе и затоа СДСМ инвестира во човечкиот фактор, преку субвенционирање плати, поддршка на иновации субвенционирање на стар ап бизниси, нови технологии, поддршка за младите. Фискалните и непродуктивни трошења во 11 години на претходната власт, единствено беа насочени за богатење на поединци и вештачко подигнување на БДП – рече Колемишевски.
Тој посочи дека за програмата 2020-2024 работат 19 комисии на СДСМ кои, според него, наскоро ќе ги прецизираат сите мерки и најквалитетни решенија.