Пишува: Наташа Струмениковска
граѓанка на Република Македонија
Среда е, ден пролетен, две илјади и шеснаесета, а денес мене во грлото ми е грутка гнев, во душата револт, во плексусот болка, во очите пркос, а во мислите револуција. Нашата Македонија од парламентарна демократија премина во криминална монархија како општествено уредување. За ваква независност и слобода ли се бореле нашите претци, гинеле и крвареле за посветла иднина на сите нас? Жално и срамно за сите илинденци, партизани, бранители, борци и револуционери кои во минатото се бореле и го дале својот живот за слобода, демократија и државност на Македонија.
Вчерашниот ден ме измести од мојата оска на постоење и го разбуди најмрачниот дел на гнев во мене, скоро исто како на 24-ти декември, тој црн понеделник, кога од истите овие властодршци на клоци се исфрлаа пратениците на опозицијата и новинарите од Парламентот. Е вчера, Иванов со одлуката за аболиција, на клоци ја избрка правдата и судството од нашата мила Македонија. Трите столба на едно демократско општество, извршна, законодавна и судска власт, денес се во рацете на една политичка фамилијарна банда на власт, скриена зад плаштот на нивната Партија, со име кое во себе го содржи зборот национално единство, сосема незаслужено денес. Мафија е голем збор за нив, кај нив има кодекси на чест и правила на однесување, кај оваа банда политичка желна за пари, власт и моќ, ништо не е свето, освен тие самите и нивната благосостојба и безбедност. А таа, само во власта ја имаат, затоа грчевито се држат до неа и смислуваат секакви сценарија само да се спасат од одговорност. Затоа апсат политички неистомисленици, се богатат, узурпираат судство, политизираат медиуми, лустрираат, притвораат, оцрнуваат опозиција, уништуваат човечки судбини, замолкнуваат поединци.
И се уште не можам да си дојдам на себе си и да соберам сила да го надминам чувството на гнев и револт, но и ВИНА и разочараност после срамниот вчерашен ден, и неуставната и недемократска одлука за аболиција на 56 луѓе, повеќето политичари од страна на Претседателот на Македонија, Хорхе први помилувачот. Ставајќи ги во ист кош и правдољубивите и криминалците, и невините и измамниците и хероите и кукавиците, се дрзна да помилува се што е поврзано со Проектот #ВистинатаЗаМакедонија и огромниот скандал со откриениот криминал и измами на власта, во прислушкуваните разговори од страна на фамилијарната врхушка на власт. А не се, и никогаш не можат да бидат ИСТИ тие луѓе, од различен материјал и чувство за морал, чест и одговорност се направени. А токму на денешен ден, пред две години, по втор пат овај послушник Ѓорѓе Иванов, доби мандат од неговите партиски манипулатори на избори и стана нелегитимен претседател на сите нас, со нов мандат од пет години.
А можеше се да биде поинаку…
Ќе се запрашате, а зошто ВИНА чувствувам? И не само лична, туку и колективна вина мислам дека имаме сите. А останавме опозиционерите цела деценија по улици, секој се борел како знае и умее, не штедејќи се себе. Ама треба цел народ да се охрабри и да го крене својот глас, заборавајќи на својот конформизам, благосостојба и спокој. Па дури и оние кои некогаш им верувале и им дале поддршшка на оваа гарнитура на власт. Почитувани, граѓани, интелектуалци, земјоделци, работници, студенти, просветни работници, правници и судии, борци, научници, активисти од невладиниот сектор, рудари, здравствени работници, домаќинки, невработени, политички активисти, административци, службеници, полицајци, војници, естрадни личности, новинари, другари и другарки- СИТЕ сме подеднакво виновни за состојбата во која се наоѓаме денес. Оваа ОДЛУКА на Иванов не е случајна, ја имавме информацијата и точно знаевме сите ние, што може да се случи, кога дозволивме пет Јуди од Уставниот Суд, облечени во одеждата на правдата, да ги донесат законските измени и да му го овозможат тоа право кое вчера на најдрзок начин го злоупотреби таа креатура од Претседател на нашата држава. Сега и со катран и пердуви на Плоштад да ги однесеме нив, КАСНО е.
А цели СЕДУМНАЕСЕТ дена траеше тоа прегласување и носење на срамни закони од страна на Уставниот Суд и Парламентот. И за цело тоа време, само ПЕТ протести од страна на неколку стотини храбри, свесни и совесни граѓани повеќето активисти од Скопје и само на последниот, петтиот протест пред Уставен Суд се приклучи и опозицијата. Затоа вчера ни се случи тоа што ни се случи. Виде власта дека нашата млака реакција и недоволна решителност од страна на народот да си се избори и одбрани своето загарантирано право на еднаквост пред законот за сите, им даде за право на овие криминални структури во власта да прават што сакаат. Ние сите, преќутно им го дадовме тоа право.
А опоменуваа тие денови СИТЕ, и правници, и аналитичари, дури и членови на МАНУ, и поранешни и сегашни политичари и активисти, дека НИШТО во тој миг не е поважно од одбраната на УСТАВОТ. Ни програми, ни пресови, ни средби со граѓани по села и градови, НИШТО друго не беше важно. Го пропуштивме мигот и им дадовме одврзани раце да го истераат своето пеколно режимско сценарио до крај, да се амнестираат себе си од целиот криминал и никој за ништо да не одговара. А сите полуги на системот, сите институции, целата моќ и власт е во нивни раце. Тоа ние, НАРОДОТ им го дозволивме, прво на Избори а потоа со стравот, замолченоста и сервилноста на мнозинството од населението на Македонија. И да не се лажеме дека тоа не е така. Се охрабри народот, и излезе на улица, и храбрите меѓу нас говорат, се пишува, се протестира, ама караванот на режимот си тера. Секое чудо за три дена си велат и си дремат во своите удобни и безбедни фотељи, им се паднал трпелив и умен народ кој не сака жртви, крвопролевање и немири. Е, затоа е вака денес.
Борбата на еден храбар човек, Заев со раководството, опозициските коалициони партнери, но и цела Партија, сите членови социјалдемократи против ова зло, трае повеќе од година дена. Вистината излезе на виделина, иако негирана од власа, со разоткривањето на сите нивни криминални недела и со почетокот на Проектот Вистината за Македонија, после што се охрабрија многу луѓе да застанат против оваа криминална врхушка на власт. Но тоа е премалку за да се сруши еден режим, треба мнозинството од народот да излезе и гласно да го изрази својот револт, несогласување и желба за промени.
Со својот молк и недоволна решителност и граѓанска свест од сите нас, да се бориме за придобивките на едно демократско општество, ние ДОЗВОЛИВМЕ тие нелуѓе на ваков дрзок, арогантен и безразен начин да си поигруваат со нас, со иднината на Македонија, со Устав, закон, права и правичност, државотворност и демократија. А има и храбри и силни и борбени и гласни меѓу нас, но не доволен број за да се справат со ова зло што не снајде.
Затоа денес, сите да бидеме на улица, во Метрополата но и во сите градови во внатрешноста, да излеземе и да им покажеме дека е доста, дека повеќе не поминуваат нивните играрии, дека се прелеа чашата на трпение на народот и дека не се предаваме се додека не бидат сите овие криминални структури надвор од системот политички во Македонија. Или ќе не снема како држава. Ќе си пишуваме тука, ќе си гледаме телевизија, ќе си одите на работа, во страв од егзистенција или ќе застанеме смело во одбрана на татковината. Или Груевски или Македонија, трето нема. Одлуката е лична и поединечна на сите од нас, и одговорноста за иднината исто така.
Македонија е се што имаме.