На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела бидејќи поради високата инфлација централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки, а и Волстрит е потресен од колапсот на Банката на Силиконската долина (СВБ).
На Волстрит, индексот ДауЏонс (Dow Jones) минатата недела падна за 4,4 отсто, на 31.909 поени, додека СиП 500 (S&P 500) потона за 4,6 отсто, на 3.861 поен, а индексот Насдак (Nasdaq) за 4,7 отсто, на 11.138 поени.
Во јануари овие индекси силно пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека американската централна банка наскоро ќе заврши со зголемувањето на каматните стапки и дека конечната каматна стапка, која ќе го заврши циклусот на затегнување на монетарната политика, ќе остане под нивото од 5 проценти.
Сепак, во последниве недели индексите изгубија најголем дел од тие добивки бидејќи станува се појасно дека ова сценарио нема да се оствари.
Имено, низа неодамнешни податоци покажуваат дека побарувачката на пазарот на трудот е се уште силна, па може да се очекува раст на платите и потрошувачката, што значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки.