Снегот и ладните температури предизвикаа голем број на незгоди во регионот, и покрај навремените предупредувања, сепак ги ,,фатија’’ надлежните институции неспремни да се соочат со навремено расчистување на улиците и патиштата. За тоа дека не е само Македонија делумно блокирана од снежните наноси, и како и во останите градови на Балканот има проблеми на неисчистените улици, збори и настанот од вчера вечер, кога автобус се излизгал на снегот и удрил во куќата на музичката ѕвезда Цеца Ражнатовиќ во Белград.
Како што информираат српските медиуми, поради лоши услови на патот, возачот на автобусот, во сопственост на приватна компанија, синоќа изгубил контрола и удрил во раскошната вила на пејачката, која што се наоѓа на улицата ,,Љутица Богдан’’ во Белград. Од ударот, се урнал столб, била предизвикана голема штета на возилото,но и на куќата, а имало и двајца повредени патници. Пејачката и нејзиното семејство се вознемириле поради настанот, но веднаш сите притрчале на помош на повредените патници. На лице место излегле екипи на полицијата и итната помош.
Како мало потсетување, Цеца веќе го најави својот голем концерт во Скопје, во март, и годишно има по неколку гостувања во земјава, на кои што доаѓа публика од десетици илјади.
Снегот во српската метропола предизвика колапс на улиците и голем број на автобуси не фукционираат, па затоа и тешко се доаѓало до слободно такси возило. Исто така, и трамвајите наишле на проблем поради снегот кој што ги затрупал шините, па голем број на патници биле принудени да излегуваат од нив и да го продолжат патот пеш.
На улиците на Белград моментално излегле екипи на ,,Белград пат’’ и со 120 возила и 2.000 луѓе се обидувале да го вратат сообраќајот во нормала. Синоќа биле расфрлани 1.200 тони сол по улиците, но и калциум – хлорид, кој што го спречувал замрзнувањето на патиштата.
Кај нас, поради неисчистени улици и патеки околу 200 граѓани заработија скршеници и повреди деновиве. Законска обврска и должност на општините е да издвојат средства во буџетот за расчистување на улиците, а граѓаните кои што настрадале поради нерасчистениот снег можат да ги тужат локалните власти и локалното комунално претпријатие, и да бараат надомест на штета. Освен што се соочија со неисчистени улици и патишта, голем број на граѓани деновие се соочуваат и со недостиг на вода, поради проблеми на водоводната мрежа предизвикани од ниските температури.
Вики Клинчарова