Коко е излекуван од депресија, во Скопје се враќа со друштво!

by fokus

Шимпанзото Коко кој беше на лекување од депресија во Холандија, по десет години е излекуван и најверојатно во мај годинава се враќа во ЗОО Скопје.

За да не падне повторно во депресија, тој ќе си донесе и друштво, односно со него ќе дојдат уште три шимпанза, две женки и еден мажјак.

Веста за враќањето на Коко, но и доаѓањето на неговите другари со кои се дружел за време на престојот во Холандија ни ја потврди Тина Мицкоска, портпарол на ЗОО Скопје. Повеќе детали, се уште не се откриваат.

Инаку, Коко е роден во Скопје пред 23 години. Набргу по неговото раѓање мајка му починала од туберколоза, и тој паднал во депресија. На негови 13 години, беше испратен на ресоцијализација, односно на лекување во престижната Институција за ресоцијализација на шимпанза Алмере, која се наоѓа во близина на Амстердам. Местото е познато како престојувалиште на шимпанза од целиот свет, кои живееле во лоши услови.

Во Холандија беше пренесен со авион, откако претходно го успале, а го придружуваа двајца холандски експерти. Според зоолозите, Коко паднал во депресија бидејќи тешко ја поднесувал осаменоста, и започнал да си ги кубе влакната на телото.

Тогашното раководство на ЗОО Скопје најави дека неговото лекување ќе трае една година, но се одолговлечи на цели десет години. Имаше најава дека шимпанзото ќе се врати во Скопје уште минатата година, но поради непознати причини, враќањето беше одложено.

Вики Клинчарова

Поврзани новости