Кога човек ќе стане свесен дека троши за чоколадо, а нема ни за леб, со една нога е извлечен од лудилото. Првата и основна работа за да престанеме да бидеме лудаци е да бидеме свесни дека живееме во лудило, вели новинарот и сатиричар Сашо Кокаланов, автор на романот „Ние сме лудаци“, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Треба да се направи еден систематски преглед да видиме кој остана во државата. Тој систематски преглед обично во некои држави се вика попис, меѓутоа кај нас од некои причини не го спроведуваме, така што не знаеме точно што сè има во државата, а што е отселено. Не мислам дека ние што останавме овде ќе останеме лудаци засекогаш. Јас книгата ја пишував длабоко уверен дека ние не сме лудаци. Ја спомнавте вие „Алиса во земјата на чудата“, тој тип на лудило во кое ќе станеш свесен дека си во некаков луд сон, со тоа практично веќе си направил еден чекор надвор од лудилото. И не случајно е одбрана „Алиса во земјата на чудата“, како некаков лајтмотив во книгата, затоа што таму предметите кои се мали, нели, стануваат големи и на Алиса и изгледаат огромни, а она што е големо и недостижно изгледа дека и е при рака.
Во суштина мислам дека ние живееме во еден таков тип на лудило во кое од реално малите препреки правиме баук, кој не може никако да се совлада, а тие што ни се реално големи проблеми мислиме дека ќе ги решиме за миг. Мислам дека сè уште го живееме тоа, но полека гледаме дека почнуваат луѓето да се освестуваат. Бидејќи сега сме во изборен молк, нема за зборувам за конкретни примери, меѓутоа ќе го искористам оној пример, онаа прва асоцијација кога ќе каже човек „Ние сме лудаци“ во Македонија, ретко на кого првата асоцијација му е „Алиса во земјата на чудата“, иако е тоа лектира, па сите сме ја прочитале, сепак изминатиот период имавме една друга лектира со која како јавност се занимававме почесто, тоа беа таканаречените бомби. И реченицата „Ние сме лудаци“ на поранешен министер за финансии, кој не е кандидат за пратеник, па можеме да го спомнеме тука, јас дури и на таа изјава гледам преку оваа призма, за којашто ви зборував. Значи кога човек ќе стане свесен дека троши за чоколадо, а нема ни за леб, со една нога е извлечен од лудилото, така што првата и основна работа за да престанеме да бидеме лудаци е да бидеме свесни дека живееме во лудило, вели Кокаланов.