Која фирма добила одобрение за извоз на дрво непосредно пред владината забрана?

„Golden Bag Recycling“ од Брвеница добила одобрение од Министерството за земјоделство за извоз на црн бор, каков што претходно купила од ЈП Македонски шуми на еден од јавните повици за продажба на опожарената дрвна маса од ланските шумски пожари, пишува Фокус.

by Фокус

Компанијата „Golden Bag Recycling“ од Брвеница минатиот месец јули добила одобрение за извоз на дрво од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство десетина дена пред да се воведе владината забрана за извоз на огревно и необработено дрво и пелети. Како пишува последниот број на неделникот Фокус, станува збор за црн бор, каков што истата компанија купила од Јавното претпријатие Македонски шуми, на еден од јавните повици за продажба на опожарената дрвна маса од ланските шумски пожари.

Истражувајќи ги наводите дека има недостиг на дрво и пелети, како и информациите за енормно зголемување на цените на овие енергенси, првично се обративме до Владата уште во јуни, со прашање дали се разгледувала опцијата за воведување на забрана на извоз на огревно дрво и дрвни сортименти по примерот на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и други земји од регионот, поради најавите за недостатокот на огревно дрво, но и на дрвна маса за производство на пелети?

Вo последните 5 години не е издадено ниту едно одобрение за извоз на огревно дрво, а оваа година е издадено само едно одобрение за извоз на 120 кубни метри огревно дрво со важност до 21 август 2022 година, од коишто досега се извезени 28,40 кубни метри. Доколку МЗШВ достави барање до Владата за (времена) забрана за извоз на огревно дрво и дрвни сортименти, поради енергетската криза која се најавува во наредниот период и се донесе соодветна одлука, Министерството врз основа на таа одлука нема да издава одобренија за извоз“, ни одговорија од Владата.

Оттука, од Министерството за земјоделство го побаравме последното издадено одобрение за извоз на „трупци, огревно дрво и други видови дрва“, како и информација кој е правниот субјект или субјекти што го извршиле извозот“? Арно ама, Министерството на чело со министерот Љупчо Николовски првично го одби нашето барање, со образложение дека одобренијата се издаваат преку ЕХИМ-системот, кој е во сопственост на Царинската управа.

Сепак, решениeто го обжаливме на второстепената Комисија за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, која ја уважи нашата жалба. Во таа насока, Комисијата му предочи на Министерството дека доколку тврди дека нема надлежност да постапи по барањето и не располага со бараната информација, тогаш требало да го препрати барањето до надлежен орган. Но, тоа не се случило!

 

Според новото решение што ни го доставија од МЗШВ, компанијата што последна добила одобрение за извоз на „трупци, огревно дрво и други видови дрво“, како што е наведено и во издаденото одобрение што го добивме, е „Golden Bag Recycling“, од село Милетино, Општина Брвеница. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија основана во пред 7 години е во сопственост на Лаурент Зејнулаху и Башким Зејнулаху, кој воедно е управител на друштвото.

До оваа компанија, која се занимава со трговија со пелети, упативме неколку прашања по официјален пат. Покрај останатото, прашавме во која држава е извршен извоз, како и дали имале соработка со шпедитерска куќа и ако е така – за која шпедитерска куќа се работи? Но, досега не добивме одговори.

Во одобрението што ѝ било издадено на оваа компанија, меѓу другото, стои дека тоа се однесувало за извоз на црн бор. Притоа, според податоците што ги обезбедивме, истата фирма се наоѓа и на листата на правни субјекти што склучиле договори со ЈП Македонски шуми за откуп на опожарената дрвна маса од ланските големи шумски пожари во Источна Македонија.

ОТКУП НА ОПОЖАРЕНА ДРВНА МАСА

Имено, од јавното претпријатие не известија дека во февруари годинава објавиле повик за интерес на кој се пријавиле заинтересирани купувачи. Од таму посочија дека досега склучените договори се однесуваат за 120.000 кубни метри, или околу една третина од вкупно опожарената дрвна маса што треба да се отстрани во рок од 2 години.

Меѓутоа, првично одбија да откријат со кои компании биле склучени договорите, како и колку изнесува вредноста на овие договори. Иако испративме и дополнително прашање, сепак, повторно изостана одговор. Затоа, и во овој случај го искористивме Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. На крајот, одговорите ги добивме по истекот на дополнитениот период што беше побаран од јавната установа.

Документацијата што ни ја доставија открива дека јавното претпријатие, преку подружниците во Берово, Делчево и Пехчево, склучило над 30 договори за откуп на опожарена дрвна маса со десетина компании. Меѓу нив е и веќе споменатата „Golden Bag Recycling“, која склучила договор со делчевската подружница на почетокот на јуни, кој предвидува откуп 24.122 кубни метри црн бор во вредност од 21,3 милиони денари со вклучен ДДВ, или околу 348 илјади евра. Токму за црн бор компанијата го добила одобрение за извоз…

„НЕМА ПРИВИЛЕГИРАНИ И ДИСКРИМИНАРАНИ“

По објавувањето на сторијата во „Фокус“ дека Министерството за земјоделство издало одобрение за извоз на дрво непосредно пред земјава да воведе забрана, многу подоцна откако тоа го сторија многу земји од соседството, во јавноста се обратија Саша Јовановиќ, раководител на Секторот за шумарство и ловство при Министерството, како и директорот на ЈП Македонски шуми Валентин Груевски, која склучила договор за откуп на дрвна маса со фирмата што го добила одобрението за извоз.

Сите што се пријавија добија од опожарената дрвна маса колку што побараа, никој не беше дискриминиран, по ниту една основа. Побараа и добија и големи и мали фирми, и локални од Малешевијата и други. Вкупно досега имаме склучено договори за 150.000 кубни метри опожарена количина, а останати се уште околу две третини и таа дрвна маса стои на терен. Сите заинтересирани да дојдат, да побараат и ќе добијат дозвола за користење на дрвната маса – истакна Груевски.

Јовановиќ, пак, додаде дека Министерството за земјоделство и во иднина ќе издава одобренија за извоз на дрва и дрвни сортименти и по престанување на временото ограничување, кое истекува на крајот на годинава. Дополнително, од неговото Министерството испратија и реакција во која тие тврдат дека одобрението било издадено во редовна постапка, истакнувајќи дека не се работи за никаква привилегија.

Посочениот правен субјект го доставил барањето и потребната документација меѓу која и купопродажен договор со ЈП „Национални шуми“ за купување на 15.000 кубни метри опожарена техничка дрвна маса од црн бор, по што органот на државна управа од областа на шумарството – Сектор за шумарство и ловство на ден 08.07.2022 година му издал Одобрение за извоз на опожарената техничка дрвна маса со рок на важност на одобрението од 90 дена“, велат од таму.

Иако земјава и цел свет веќе предглагаат кризни мерки за надминување на енергетската криза која реално постои, од Министерството посочуваат дека во тој период, а и до ден денес ниту Владата, ниту друг државен орган официјално немале прогласено енергетска криза, додека одлуките за ограничување за извоз на одделни стоки Владата ги донела покасно, поточно на 22.07.2022 година.

„По наведената одлука на Владата за ограничување за извоз на одделни стоки со тарифни ознаки за огревно дрво и дрвни сортименти, органот на државна управа од областа на шумарството – Сектор за шумарство и ловство го извести правниот субјект за ставање на надвор од сила на издаденото одобрение. Во периодот на важноста на одобрението правниот субјект извезол опожарена дрвна маса во количина од 24,5 кубни метри, велат од МЗШВ.

Инаку, сторијата се темели на официјални информации и документација од надлежни институции, при што не се констатира дали нечие постапување е или не е законско или незаконско, ниту дали имало или немало привилегирани или дискриминирани, туку се констатира дека последното одобрение за извоз на дрво е доделено непосредно пред владата да донесе забрана, која патем е донесена подоцна од многу држави во регионот, што не оневозможи да ги задоволуваме потребите за пелети преку увоз, додека, како што произлегува од објавеното, истовремено сме извеле домашни ресурси.

Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости