По дванаесет дена борба за живот, почина 39-годишната жена, која на осми март беше турната од тераса од третиот кат, од социјалната зграда во Охрид.
За настанот СВР Охрид поднесе кривични пријави против 32-годишно лице од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“ како и против 21 годишно лице исто така од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“.
Жената беше турната од терасата среде бел ден, околу 11.30 часот, а за расправијата која претходела на настанот, за ,,Фокус” сведочеа станари од зградите каде се одигра трагедијата.
Инсистираа да останат анонимни, бидејќи се плашеле за својата безбедност, и појаснуваат дека лицето во чиј стан се случи настанот, инаку 21-годишно момче, поодамна и било познато на полицијата.
-Тој беше во затвор поради дрога, неодамна се врати, и овде постојано доаѓаат сомнителни лица. Се плашиме јавно да излеземе, но сите сме потресени. Овде небезбедно се живее, има кражби, расправии, доаѓаат секакви луѓе, наркомани. Жената која беше фрлена од терасата не живее овде, појаснуваа соседите.
За жената „Фокус“ дознава дека по потекло е од Скопје. Од пред некое време престојувала во Охрид, каде дошла во потрага по подобар живот. Често се дружела со лицата кои сега се осомничени за кривичните дела убиство во обид и помагање.
Немала деца, ниту пак постојано вработување.
По падот од терасата таа беше пренесена во болницата Свети Еразмо, со тешки телесни повреди, по што била препратена на Хируршкото одделение во охридската општа болница. Веднаш по настанот од СВР Охрид кажаа дека ќе се утврдува дали се работи за обид за убиство или пак несреќен случај, а двете осомничени лица беа лишени од слобода по половина час од настанот.
Вики Клинчарова