Самоил Костадиновски, 26-годишно момче од Скопје е пријавено во полиција како исчезнато лице.
Пријавил неговиот 32-годишен брат во осум часот наутро на 4-ти март, по што од МВР биле преземени соодветни мерки за негово пронаоѓање.
Но, веста за исчезнувањето на Самоил, кој е внук на поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, односно тој е внук од брат на неговата сопруга Виолета, дополнително предизвика голема вознемиреност кај јавноста, откако на социјалниот профил под име Аргон Газафер, кој има над 16.000 следбеници, беше објавено дека момчето всушност е киднапирано.
Според објавата која за кратко време беше споделена од стотици граѓани, наводно Самоил кој живеел во Ново Лисиче, бил киднапиран во близина на Чешката амбасада.
Набргу потоа, објавата за киднапирањето беше избришана, а Газафер се извини и појасни дека избрзал со неговите претпоставки.
Околу наводно киднапирање на момчето, некои медиуми објавија и изјава од Виолета Бошкоска, која открила дека го нема четири дена, а според нивни сознанија, некој човек кажал дека Самоил излегол од неговиот автомобил и влегол во друг, каде имало тројца луѓе, во близина на Чешката амбасада.
Што навистина се случило со Костадиновски и дали семејството има било какви сознанија дека е киднапиран, или пак станува збор за шпекулации, од МВР за ,,Фокус” велат дека кога неговиот брат дошол во полиција да го пријави исчезнувањето, воопшто не спомнал детали за сомнеж за киднапирање, ниту пак детали за она кое се објавува на социјалните мрежи, дека Самоил бил внесен во автомобил од непознати лица.
-Пријавата за исчезнато лице беше како и повеќето други пријави, значи братот на момчето изјави дека Самоил не се вратил дома, дека телефонот му е исклучен, даде негов опис и сите останати детали кои се потребни за истрагата.
Официјално, никој од семејството во полиција не споделил информации дека се сомнева во киднапирање, ниту пак детали за негово евентуално внесување во автомобил, како што денес се објавува на социјалните мрежи.
Истрагата е во тек и се превземаат активности во низа на оперативно-криминалистички постапки од страна на СВР Скопје. Значи, се работи на случајот и нема место за шпекулации – велат наши извори од МВР, запознати со истрагата.
,,Фокус” се обиде да стапи во контакт и со братот на Самоил, но тој не одговори на нашите пораки. Не добивме одговор ниту од неговата тетка, Виолета Бошкоска. Единствено негов братучед ни кажа дека роднините немаат многу детали, и засега го знаеле само она кое го читале на социјалните мрежи.
Вики Клинчарова