Која е Македонката која ќе ја освојува сцената на Сан Ремо?

by Fokus

Традиционалниот фестивал на италијански песни Сан Ремо е настан кој секоја година го следат милиони гледачи во светот, и ги воодушевува љубителите на италијански канцони. Почетоците му датираат од далечната 1951 година, и фестивалот на некој начин е национално богатство на Италија. Започнал со идеја да придонесе за зајакнување на туризмот во тој крај на земјата, и редовно презентира нови музички таленти.

Станува збор за манифестација која е престижна за поголемиот дел од европската естрада, а на многу познати пејачи настапот на овој фестивал им бил голем чекор напред во кариерата.

Како што дознава ,,Фокус”, на изданието на Сан Ремо во 2025 година пред публиката ќе се претстави и македонска пејачка, која во последниве години е се поактивна на музичката сцена.

Станува збор за Барбара Поповиќ (23), која периодов е актуелна со настапите во регионалното шоу „ИДЈ шоу“ (IDJ Show).

Од нејзиниот тим потврдија дека Барбара ќе биде дел од Сан Ремо во Италија, а откриваат дека таа има македонско-италијанско потекло, односно нејзината мајка е охриѓанка, а пак татко и бил од Италија.

Инаку, младата пејачка е на сцената од својата шеста година. Зад себе има учества на многу фестивали, како и освоени награди и признанија.

На последниот настап на ,,ИДЈ шоу” настапи со безвременската ,,Зајди, зајди” во нов аранжман, а авторските права и ги отстапило семејството Сариевски.

За изведбата пишуваат голем број на регионални медиуми, и пристигаат комплименти за адреса на Поповиќ.

Од нејзиниот тим велат дека Барбара, која е дипломиран оперски пејач веќе го освојува регионот, но нејзината љубов кон музиката и големиот талент и ги отвораат вратите и пошироко. Зад себе има неколку авторски песни, и воодушевува со моќниот вокал.

Вики Клиначрова

Поврзани новости