Регионалното музичко шоу ,,Ѕвездите на Гранд” со години наназад е ,,отскочна даска” за многу нови таленти, на кои им донело популарност преку ноќ. Големата гледаност во поранешните Југословенски републики, поддршката од веќе докажани музичари и продукцијата која ќе застане зад нив доколку се покажат како зрели за големата сцена, е само мотив плус на младите таленти да се пријават на ова шоу.
Во изминатите години голем број на македонски имиња се појавија на сцената на шоуто, и многумина од нив потоа продолжија да градат музичка кариера.
За време на викендот 18-годишната кавадарчанка Милица Ризо Трајков беше една од македонските учеснички, која успеа за неколку минути на големата бина да стане доста коментирана тема во целиот регион и се најде во повеќе медиуми во соседството.
Младата девојка доби четири гласа и обезбеди место во баражот, но она по кое остана запамтена е нејзиниот интересен и провокативен стајлинг кој го изненади жирито, но и публиката.
Нејзиниот смел моден избор е дело на дизјанерката Боркица Квин од Кавадарци, а во разговор за ,,Фокус” Милица појаснува дека и покрај тоа што има само 18 години, сфатила дека големата сцена бара нешто поразлично.
-Првото стапнување на сцената ми се случи на мои пет години, кога учествував на Детскиот фестивал ,,Гроздоберче”. Следуваа два настапи на фестивалот ,,Ластарчиња”, а потоа и учества на голем број на регионални и државни музички настани како претставник на моето основно училиште.
Отсекогаш знаев дека сцената е мојот животен избор, бев учесничка и финалистка и во шоуто ,,Ѕвезда број еден”.
На сите фестивали на кои се појавив, уште како дете, сакав да бидам поразлична од другите, прилагодливо според возраста на која бев.
Свесна сум дека големата сцена бара нешто гламурозно, поразлично, впечатливо… со мојот ментор во ,,Ѕвездите на Гранд”, Мили, одлично се согласуваме околу изборот на песната, но и околу гардеробата. Музиката е уметност, а уметноста нема граници – вели Милица.
Околу големиот број на коментари и реакции кои ги предизвика нејзиниот моден избор, раскажува дека уште пред да започне шоуто, била свесна дека ќе ги има.
-Бев подготвена за секакви коментари уште кога решив да се пријавам на шоуто, и јасно ми беше дека кај нас така одат работите, речиси секогаш повеќе ќе има негативни, отколку позитивни коментари. Но, критиките ме прават похрабра и посилна, а најважно ми е тоа што ја имам поддршката од семејството.
Моите родители се секогаш до мене, и благодарение на нив ми се случува сето ова денес- појаснува таа.
Не крие дека има големи амбиции кога е музичката кариера во прашање, и отворено кажува дека и е јасно како и претстои уште многу учење и надоградување на талентот.
-Амбициите ми се големи, но прерано е да се зборува за освојување на регионот. Треба многу труд и работа, и се во свое време.
Ученичка сум во четврта година во гимназијата ,,Добри Даскалов”, вклучена сум во сите културни настани во градот, осум години сум член во балетското студио ,,Венус”.
Животот е пред мене, голема е и одговорноста да се биде дел од шоу како ,,Ѕвездите на Гранд”, и се трудам максимално да бидам посветена и на училиштето, како и на пробите и снимањето на емисиите, кои се одржуваат во Белград. Го следам својот сон, раскажа Милица.
Вики Клинчарова