Пред три дена на американската црна листа завршија и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, која за разлика од нејзиниот маж, малку и е позната на јавноста.
„Фокус“ во неколку наврати има пишувано за сопругата на еден од најпознатите руски бизнисмени и пријатели на Орце Камчев, кој исто така пред неколку месеци се најде на црната листа на САД.
За двајцата бизнсимени објавивме серијал на текстови, поврзани со нивните фирми и нивната работа. Истражувањето постепено не однесе и до Ирина Самсоненко, кој сепак воопшто не беше позната, а ниту се знаеше нејзината улога во бизнисот на нејзиниот сопруг и Камчев.
(АРХИВА) Орце Камчев го „напушта“ бизнисот – мрежа на фирми, безброј сопственици, управители, директори…
Се започна пред точно три години, кога јавното обвинителство отвори истрага за првиот венчален кум на поранешниот премиер Никола Груевски, Ристо Новачевски за кривично дело перење пари со кои купиле плацеви на Водно.
Во една од „бомбите“ што во 2015 година ги објави екс лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев можеше да се слушне и името на Новачевски, кој од тотален анонимус доби публицитет на познат бизнисмен. Во прислушуваните разговори, Заев објави дека фирмата „Сирах Инженеринг“, каде што се јавува како директор токму тој, поранешниот премиер планирал да купи земјиште од 11 илјади квадратни метри на Водно.
ОД КУМОТ НА ГРУЕВСКИ ДО САМСОНЕНКО
Но, зошто Новачевски е важен во приказната со фирмите на Камчев? Според историјатот на промени од Централниот регистар, фирмата е основана на 9 јули, 2012 година, со почетен влог од 1,2 милиони евра, а седиштето се наоѓа на улицата Димо Хаџи Димов бр. 38 во скопската населба Кисела Вода, на истата адреса каде што живее и Новачевски, кој во тоа време е управител на фирмата.
Како сопственик на „Сирах инженеринг“, беше фирма лоцирана во даночниот рај Белизе. Станува збор за „Сирах Лимитед“, компанија регистрирана на улицата „1 ½ Мајлс Нордерн Хајвеј“ (1 ½ Miles Northern Highway).
Откако скандалот изби на површина, во фирмата се случија брзи промени, фирмата добива нови сопственици, но и нови управители. Па, оттука повторно доаѓаме до семејството Камчеви. Па, така, според историјатот на промени од 12 август, 2015 г. на сопственичкото место доаѓа „Орка Холдинг“, додека управител останува Новачевски, но фирмата добива уште еден управител, поточно Кристина Камчева-Стојческа.
Но, тука не завршуваат промените. Само по неколку месеци, со новиот историјат на промени нејзиното име да биде избришано, а на управителското место да седне бизнисменот Камчев.
Според последниот документ од Централниот регистар, истата компанија сега се води како Друштво за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионерите „Лајф Кеар Центар ДОО“ Скопје. Датумот на основање е ист од времето кога со неа управуваше Новачевски, под друго име, но повторно има промени во сопствеништвото. Како сопственици во 2016 година се водат уште две други фирми на Камчев, кои не ѝ се познати на јавноста, едната е „Камчев Консалтинг“, додека другата е „Орка Фајнанс“.
Според последниот историјат на промени, три години подоцна, двете фирми се бришат од сопственичката структура, а како управител понатаму не фигурира Камчев, туку од 26 јуни, 2019 на сопственичкото и на управителското столче седнува Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, познат како близок пријател и бизнис-партнер на Камчев.
Компанијата „Лајф Кеар центер“ е една од фирмите, која беше опфатена со санкциите.
Други компании, кои се најдоа на листата се заедничката обложувалница на Самсоненко и Камчев „Бет Сити“, потоа „Орка Холдинг“, „Камчев Консалтинг“, „Орка Фајнанс“.
Ирена МУЛАЧКА