(АРХИВА) Орце Камчев го „напушта“ бизнисот – мрежа на фирми, безброј сопственици, управители, директори…

Ратка Куноска Камчева – мајката на македонскиот бизнисмен Орце Камчев, потоа рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина се најновите имиња кои се најдоа на црната листа на САД, објавена денеска. Меѓу компаниите кои се опфатени со санкциите се заедничката обложувалница на Самсоненко и Камчев „Бет Сити“, потоа „Орка Холдинг“, „Камчев Консалтинг“, „Орка Фајнанс“ и „Систина лајф кер центер“. „Фокус“ веќе подолг период се занимава со сите овие фирми управувани, токму од оние кои се најдоа на црната листа на САД.

by Fokus

Текстот е објавен на 21 октомври, 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1307

Пишувала: Ирена МУЛАЧКА

 Во последните десетина дена, сѐ повеќе станува алармантен одливот на лекари и медицински персонал од јавните здравствени установи, и тоа во време во најголемата пандемија со ковид 19 во историјата на земјава, а поголемиот дел од нив засолниште наоѓаат во приватната болница „Аџибадем-Систина“. Како најчести причини за заминувањето, тие ги наведуваат деградирањето и непочитувањето, лошите услови во кои работат, ниските плати, немањето основни услови за работа…

За време на корона кризата, од Градската болница „8 септември“ си заминаа повеќе од шест медицински сестри, двајца анестезиолози, како и раководителката на Инфективниот оддел Патриција Каламарис, кои отидоа да работат во „Систина“, но таа сега за сега, останува со работа и на двете места. Болницата, која речиси цело време беше главен ковид-центар, работеше со само двајца инфектолози, од кои раководителката веќе со едната нога е во приватната болница, а единствената што е таму, поради лични проблеми, сѐ поретко е на работа.

Веќе наголемо се зборува дека во „Систина“ ќе се отвора и инфективно одделение, со кое треба да раководи Каламарис, а таму ќе одат и шест медицински сестри и уште две докторки, кои си дале отказ од скопската Инфективна клиника.

Од болницата за „Фокус“ одговорија дека тие постојано се отворени за зголемување на нивниот тим со врвни доктори и останати медицински работници.

Во текот на оваа година во Клиничката болница Аџибадем Систина се дојдени вкупно 12  доктори од кои тројца се од јавното здравство, а останатите се од други приватни клиники. Од друга страна, во последните 10 месеци од Аџибадем Систина си заминале 12 доктори од кои 4 во јавното здравство, 7 во пензија.

Соочувајќи се со овој предизвик отворивме инфективен оддел на кој преку најсовремени методи како принципот со хемофилтрација или ЕКМО методата (во Аџибадем Систина беше првиот случај на излечен пациент во земјава со помош на оваа метода) ги третираме пациентите со ковид 19. Потврда на нашиот пристап во лекувањето е успешноста  кај 99 проценти од пациентите кои побарале третман од нас – се наведува во одговорите од болницата.
Пред еден месец се отвори и новата педијатриска болница, каде што заминаа и четири медицински сестри од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, КАРИЛ, а веќе голем дел на лекари и медицински персонал се спрема да си оди и од скопската Детска клиника. Па, од тука слободно можеме да заклучиме дека и тие што досега си отидоа, а и тие што се во најава да си одат, заминуваат во приватната болница во чија заднина стои познатиот бизнисмен Орце Камчев, иако на хартија не фигурира ниту како нејзин сопственик, ниту како управител.

Но, тоа не се однесува само на болницата, бидејќи познатиот бизнисмен, кој пред четири години, според економскиот магазин „Форбс“, беше прогласен за најбогат Македонец, сѐ помалку фигурира во компаниите со кои во заднина раководи неговото семејство.

Тоа го потврдуваат документите во Централниот регистар, а историјатот покажува многубројни фирми со направени промени на сопственици, управители, овластени лица и тоа од 20 до 60 пати за само една фирма. Поголемиот број од компаниите се на добро познатата адреса Скупи во скопски Карпош.

Па така, слободно можеме да кажеме дека неколку имиња редовно се вртат во компаниите, но од 2019 година ретко може да се види дека фигурира името на бизнисменот Камчев.

ТИВКО СЕ ПОВЛЕКУВА ОД БИЗНИСОТ?

Бизнис-кариерата на Камчев почнува веднаш по завршувањето на студиите на Економскиот факултет, каде што продолжува во семејната компанија „Орка Холдинг“, која ја формирал неговиот татко Илија Камчев. Тој постепено почнува да инвестира во здравството, па во 2001 година ја основа првата Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мала Богородица-Систина“.

Во деведесеттите години на минатиот век, Камчев е потпретседател на подмладокот на СДСМ, кога претседател е Радмила Шекеринска. На изборите во 1998 година, тој е кандидат за пратеник од оваа партија, во една од скопските изборни единици. Изборите ги губи од Данило Глигоровски (ВМРО-ДПМНЕ), и тогаш го напушта активниот ангажман за СДСМ и во 2003 година излегува од партијата.

Неговото име во тој период постојано се појавуваше во медиумите поради наводно даночно затајување, а во 2004 година се сомничеше за затајување данок, илегални вработувања и мултимилионски даночни измени. Семејството Камчеви тврдеа дека тоа е хајка против нив и дека се работи за политичка заднина.

Откако судот одобри налог за негово приведување, тој во 2005 година избега во Бугарија, за на крајот истата година да се врати и сам да се пријави во полиција. Тогаш, помина 12 часа во притвор и излезе со кауција од 60.000 евра и е пуштен да се брани од слобода. Исходот од досега поднесените кривични пријави против Камчев останува непознат.

По  доаѓањето на Никола Груевски на власт, почнаа една по една да никнуваат компаниите на Камчеви, а на тој начин да се зголемува и нивното богатство.

Впечаток е дека пријателството со двајцата братучеди, Груевски и Мијалков, како да му помогна во купување и удели во повеќе фирми, не само во земјава, туку и надвор од неа. Неговиот брз бизнис-раст почна од 2010 година, кога ја создаде првата Клиничка болница „Систина“, која за само една година стана дел од турскиот синџир болници „Аџибадем“.

Според документите од Централниот регистар, историјата на болницата е позната. Таа е основана на 7 април, 2010 година со паричен влог од 804.336.800 денари и непаричен влог од 100.000 денари, а само една година подоцна, поточно на 21 октомври, 2011 година станува „Аџибадем Систина“.

Документите уште покажуваат дека болницата претрпува повеќе промени на сопственици, управители и овластени лица, а во моментот на хартија фигурираат тројца сопственици и тоа компанијата „Орка Холдинг“ од Скопје, потоа турската болница Аџибадем Саглик Хизметлери Ве Тиџарет А.Ш. во Истанбул и како трет сопственик се појавува Нина Пијадева-Мирковска, чие име е непознато во јавноста.

Но, тоа што може да се забележи во историјатот на промени во болницата е дека од мај, 2019 година Орце Камчев не се води како овластено лице, односно потписник, туку на негово место доаѓа Ѓун Ѓунсој од турските партнери во Истанбул.

Во 2011 година, на бизнис-пазарот се појавува уште една фирма „Аџибадем Систина Медикал Компани“, која според документите од Централниот регистар е основана на 31 август, 2011 г. со непаричен влог што би можело да се смета како медицински апарати во вредност од 310 илјади денари. Документите покажуваат дека и на оваа компанија како сопственици се појавуваат фирмата „Орка Холдинг“ и турската болница Аџибадем Саглик Хизметлери Ве Тиџарет А.Ш. во Истанбул.

Во документите, исто така, може да се забележи дека од ноември, 2019 г. како управител повеќе не се води Камчев, туку Ѓун Ѓунсој, а со компанијата управува и Елена Смилевска, која на ова место е од 2011 година. Според историјатот на промени, фирмата претрпува неколку измени, на кои повеќе на хартија не фигурира познатиот бизнисмен.

Тоа што уште покажуваат документите е дека за оваа компанија со решение на скопскиот Основен суд од 11 ноември, 2018 г. се определува привремена мерка одземање имот. Причина за тоа е случајот „Империја“, кој „пукна“ истата година, каде што осомничените се поврзани со големи акционерски друштва и фирми. Тоа беше еден од најобемните предмети што ги работеше згаснатото СЈО, а станува збор за наводна шема на перење пари и измама, која траела од 2002 до 2013 година. Меѓу обвинетите се и мајката и сестрата на Камчев. Случајот го доби тоа име баш поради многубројните фирми поврзани со Камчев и Мијалков.

Судија на претходна постапка пред две години за овој случај определи мерка за привремено одземање на имот заради обезбедување, определи привремени мерки и забрани отуѓување и располагање со уделите на правните лица за кои постои основано сомнение дека била прибавена имотна корист со кривичните дела за кои се води постапката. Камчев лежеше повеќе од 30 дена во притвор во Шутка.

Се забранува на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ОРКА ХОЛДИНГ АД Скопје да го отуѓува и располага со уделот кој го поседува во правното лице Друштво за трговија и услуги за медицинска опрема АЏИБАДЕМ СИСТИНА МЕДИКАЛ КОМПАНИ ДОО Скопје во вредност од 155.000,00 денари. Привремената мерка може да трае најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд – се наведува во документите од Основниот суд.

Но, пред да дојде до таа мерка од 2018 г., неколку години претходно фирми никнуваа на секој чекор, па така, во 2013 година, „Орка Холдинг“ го добива стопанисувањето со Центрите за дијализа на бубрежно болните пациенти во наредните 20 години, со што влегува во бизнисот тежок рекордни половина милијарда евра!

Тие во тој период го поделија бизнис-колачот заедно со фирмата „Метрополитен“ на Вера Иванова, која на 29 јануари, 2014 г. ја основа „Дијамед Македонија“, додека два дена подоцна на 31 јануари, истата година се основа Приватната здравствена установа Центар за дијализа „Нефроплус Кавадарци“.

Според документите од Централниот регистар, како сопственик единствено се појавува „Орка Холдинг“ со паричен влог од 5.000 евра. Меѓутоа, на сите десетина подружници во Прилеп, Битола, Велес, Гостивар, Тетово, Дебар… како овластено лице, односно директор се појавува извесна Гордана Ѓорѓиевска.

И во овој случај не се појавува името на Камчев, но уште поинтересно е дека во 2019 година тој тивко се повлекува од македонскиот бизнис што се поклопува со случајот „Империја“, кој во ноември, 2018 г. го отвори сега згаснатото Специјално јавно обвинителство, а заедно со него е обвинет и Мијалков, кој му е кум на неговиот трет брак со адвокатката Ана Камчева.

Тоа што е уште поинтересно за еден од најбогатите Македонци е тоа што ги менува политичките ставови, па откако Заев стана премиер во 2016 година, Камчев ја даде фамозната изјава дека не сме имале похрабар лидер од Заев и тоа само еден месец пред да заврши во притвор за случајот „Империја“, а даде зелено светло и за договорот од Преспа, тврдејќи дека редно време е Македонија да стане дел од европското семејство.

 ОД КУМОТ НА ГРУЕВСКИ, ДО САМСОНЕНКО

Во понеделникот, јавното обвинителство отвори истрага и го приведе првиот венчален кум на екс премиерот Груевски, Ристо Новачевски за кривично дело перење пари со кои купиле плацеви на Водно. Тој е однесен пред судија на претходна постапка при скопскиот Кривичен суд, а обвинителството бара притвор за него. Како првоосомничен во случајот е Груевски, а освен него се сомничат и Мијалков, Камчев, мајката на Камчев и Ненад Јосифовиќ.

Во една од „бомбите“ што во 2015 г. ги објави лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев, а сегашен премиер можеше да се слушне и името на Новачевски, кој од тотален анонимус доби публицитет на познат бизнисмен. Во прислушуваните разговори, Заев објави дека фирмата „Сирах Инженеринг“, каде што се јавува како директор токму тој, поранешниот премиер планирал да купи земјиште од 11 илјади квадратни метри на Водно.

Но, зошто Новачевски е важен во приказната со фирмите на Камчев? Според историјатот на промени од Централниот регистар, фирмата е основана на 9 јули, 2012 година, со почетен влог од 1,2 милиони евра, а седиштето се наоѓа на улицата Димо Хаџи Димов бр. 38 во скопската населба Кисела Вода, на истата адреса каде што живее и Новачевски, кој во тоа време е управител на фирмата.

Како сопственик на „Сирах инженеринг“, беше фирма лоцирана во даночниот рај Белизе. Станува збор за „Сирах Лимитед“, компанија регистрирана на улицата „1 ½ Мајлс Нордерн Хајвеј“ (1 ½ Miles Northern Highway).

Откако скандалот изби на површина, во фирмата се случија брзи промени, фирмата добива нови сопственици, но и нови управители. Па, оттука повторно доаѓаме до семејството Камчеви. Па, така, според историјатот на промени од 12 август, 2015 г. на сопственичкото место доаѓа „Орка Холдинг“, додека управител останува Новачевски, но фирмата добива уште еден управител, поточно Кристина Камчева-Стојческа.

Но, тука не завршуваат промените. Само по неколку месеци, со новиот историјат на промени нејзиното име да биде избришано, а на управителското место да седне бизнисменот Камчев.

Според последниот документ од Централниот регистар, истата компанија сега се води како Друштво за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионерите „Лајф Кеар Центар ДОО“ Скопје. Датумот на основање е ист од времето кога со неа управуваше Новачевски,  под друго име, но повторно има промени во сопствеништвото. Како сопственици во 2016 година се водат уште две други фирми на Камчев, кои не ѝ се познати на јавноста, едната е „Камчев Консалтинг“, додека другата е „Орка Фајнанс“.

Според последниот историјат на промени, три години подоцна, двете фирми се бришат од сопственичката структура, а како управител понатаму не фигурира Камчев, туку од 26 јуни, 2019 на сопственичкото и на управителското столче седнува Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, познат како близок пријател и бизнис-партнер на Камчев.

„Фокус“ испрати неколку прашања до компанијата, но до затворањето на весникот не добивме повратни одговори. Тоа што можеше да се забележи е дека имејлот што е наведен како контакт сѐ уште е истиот од времето кога компанијата беше позната под името „Сирах Инженеринг“.

Мораме да нагласиме дека заедно со поранешниот дипломат Срѓан Керим ја купија „Македонија Медиа Принт“, кој беше издавач на веќе згаснатите дневни весници, Дневник, Утрински и Вест.

МРЕЖА НА ФИРМИ ПРЕКУ „ОРКА ХОЛДИНГ“

 Клучната компанија од каде што почнува целата бизнис-империја на Камчеви е познатата „Орка Холдинг“, која како мрежа продолжува да се шири, па од 2006 година наваму под нејзино сопствеништво се уште 16 други компании, само со различни дејности.

Во историјатот на промени може да се забележи дека досега се направени дури 36 промени на сопственици, управители, членови на извршен и неизвршен одбор на директори, овластени лица… Како прв сопственик на „Орка Холдинг“ се води извесна Стела Ивановска од 2006 година, додека во моментот како овластено лице, поточно директор фигурира Антоније Мариноски, кој, исто така, е и извршен член на одбор директори.

Во моментот како неизвршни членови на одборот на директори се Орце Камчев, неговата сестра Кристина Камчева-Стојческа и неговата мајка Ратка Куноска-Камчева. Фирмата е лоцирана на улицата „Скупи 3 А“ во скопската населба Карпош.

Во мрежата на компании, кои се во сопствеништво на „Орка“, може да се најде и компанијата „Монт ДООЕЛ“ Скопје, чиј управител е Виолета Богиќевиќ.

Според податоците на Бирото за јавни набавки, фирмата учествува на тендери, и тоа во последната година има 5 тендери, а тоа што е карактеристично за неа е што се занимава со набавка на средства за дезинфекција и лична заштита, медицински потрошен материјал, маски, ракавици, скафандери. Сите тендери се во периодот откако почна корона пандемијата во земјата, односно од април 2020 г., а претходно последен тендер имале во 2018 година.

Според БЈБ, сите тендери се со преговарање, без претходно објавување оглас. Од тоа што може да се забележи, пред 2018 година, истата компанија се занимавала со набавка на училишна опрема за учениците во училиштата во Општина Аеродром, додека, пак, сега ја преименува во набавка на заштитна опрема против ковид 19.

Под сопствеништво на „Орка Холдинг“ се и болницата „Аџибадем Систина“ и „Аџибадем Систина Медикал Компани“, за кои веќе погоре ги објаснивме сите детали.

Четвртата компанија што се наоѓа во нејзино сопствеништво е О.К. Хотел ДООЕЛ основана пред 10 години, односно на 19 октомври, 2010 г. со паричен влог од 440.404 евра. Според документите од Централниот регистар, како управители се јавуваат Кристина Камчева-Стојческа и Петар Јовановиќ.

Последните промени во историјатот на фирмата се направени јуни и јули, годинава. Како и по традиција, во секоја компанија има по повеќе од 10 промени на сопственици, управители, овластени лица. На 20 октомври 2010 г., оваа компанија е позната под името „Њу Билдинг“ ДОО Скопје, а подоцна доаѓа и до промена на уште неколку имиња на фирмата.

Лоцирана е на улицата Лондонска 19 во Карпош.

Во сопствеништво на познатата „Орка“ е и „ОК Ресторанот&Барс“ ДООЕЛ Скопје во јавноста познат како „Сушико“ лоциран на улицата Аминта Трети во скопски Центар. Според документите во Централен регистар, ресторанот е основан на 14 ноември, 2011 година. Како управител фигурира извесен Даниел Колевски.

Тука е и фирмата „Панорама Резиденс ДООЕЛ“, која од 2009 г. е позната како „Панорама ДООЕЛ, а веќе до 2019 истата фирма се вика „Архи ДОО“ и една година подоцна, на 11 мај, 2020 година, го добива најновото име.

Според документите, како нејзин управител се јавува Оливер Алексовски, а во историјатот покажува дека се направени дури 48 промени на сопственици и управители, со што можат да се забележат различни имиња на фирми и многу непознати личности за јавноста. Во последните промени направени во мај 2020 како сопственик е избришана компанијата „Друштво за градежништво ССИ Инвестмент“, чиј сопственик е Мето Стојчески, сопруг на сестрата на Камчев и сопствеништвото се враќа кај „Орка“.

Во историјатот на промени може да се забележи дека во 2015 г., сопственик станува познатата офшор-фирма „Ексико“, која за само шест месеци се брише од сопственичката структура. Како сопственик на фамозната „Ексико“ останува Т&МЈ Инвестмент СА, додека како управител веќе познатиот и неколкупати објавен во јавноста Тодор Мирчевски. Тој заедно со Камчев е или бил член на управни одбори на повеќе сестринско поврзани компании како „Бетон Штип“, „Жито Полог“ и ЗК Пелагонија. За „Ексико“ единствено е наведено дека е должник во УЈП.

Од друга страна, пак, „Панорама Резиденс“ се јавува како сопственик на уште две фирми „Орка хотел“ и „Масив Констракшн“, чиј управител е истиот Мирчевски, кој е и на „Ексико“.

Следна на листата е О.К. Идеа ДООЕЛ, чиј управител, според документите од Централниот регистар, е Сашо Нефовски. Истата оваа компанија се појавува како сопственик на ОК Медиа ДОО, каде што, пак, како сопственик фигурира Ненад Јосифовиќ, кој е еден од долгогодишните бизнис-партнери на Камчев, кој уште од 2001 г. работи како комерцијалист во Орка Спорт и еден од осомничените во предметот „Империја“. Тука е и компанијата „Орка Спорт“, каде што како управител од мај оваа година се води Амел Аломеровиќ познат на јавноста како тренер на Систина во бизнис-лигата во фудбал.

Уште една од компаниите, која е во директно сопствеништво на „Орка Холдинг“, е „ОК Транспорт“ формирана пред шест години, поточно во 2014, а како управител се води Алексовски, истиот што предводи уште една од многуте фирми.

Само една година подоцна, во март 2015 г., е основана „Делта 2015 Констракшн“, со која според документите управува Дијана Наумовска-Стефановска.

Сепак, во една од компаниите во сопствеништво на Орка се појавуваат и блиските бизнис-релации со рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Станува збор за фирмата „Бет Сити Интернешнел“, која според податоците од Централниот регистар е основана 28 јуни 2017, каде исто како сопственик фигурира Самсоненко. Фирмата се води како Агенција за маркетинг. И таа како и повеќето од компаниите е лоцирана на улицата Скупи во скопски Карпош.

Една година подоцна, поточно во 2018 е основана „Нефроплус Медикал“, која ја предводи Гордана Ѓорѓиевска, истата која е управител и на компанијата за дијализа во Кавадарци.

Како една од фирмите е и „Кара ДООЕЛ“, која е лоцирана на истата адреса Скупи 3А во Карпош. Како и другите, и таа е во сопствеништво на „Орка“, а според документите од Централен како управител се јавува Дејан  Каначковиќ, а како директор Кристина Камчева-Стојческа, која исто така е и член и на извршен и на неизвршен Одбор на директори.

Во историјатот на компанијата може да се забележи дека се направени дури 62 промени на сопственици, управители, овластени лица, извршни и неизвршни членови на одбор на директори…Меѓу нив многу често се среќаваат имињата на Зорица Арсовска, сметководител и Лилјана Гајдовска правник кои се јавуваат како овластени лица во повеќе фирми поврзани со бизнисменот. Тие и двете се осомничени во случајот со кодно име „Империја.

И како последна во низата фирми под сопствеништво на „Орка“ е и „ОК Секјурити ДООЕЛ“ формирана на 18 јануари 2017 г. и тука како управител трет пат по ред се појавува лицето Оливер Алексовски.

Сепак, на официјалната веб страница на „Орка Холдинг“, во делот со инвестиции можат да се забележат и „ЗК Пелагонија“, „Скопско Поле“, „Жито Полог“ и „Млекара Здравје Радово. Иако, неговото име не фигурира во ниту една од овие компании, сепак името на неговата сестра и дел од сопствениците и управителите од другите фирми можат да се најдат во историјатот на промени.

Оттука, останува нејасно кој е главниот мотив зошто има постојано менување на сопствениците и управителите на компаниите, со кои во позадина раководат Камчеви, а фигурираат многу други ликови непознати за јавноста?

 Рамка1:

КАМЧЕВ СОПСТВЕНИК НА ФОНДАЦИЈА СО БРАЌАТА МИЈАЛКОВИ

 Името на познатиот бизнисмен, според последните направени промени единствено фигурира во фирмата „Камчев Консалтинг“ основана на 31 јануари, 2008 година. Тој е управител, а неговата мајка Ратка е сопственик на компанијата која се занимава со дејности на советување во врска со работењето.

Како што веќе кажавме, тој е неизвршен член на одборот директори на Орка Холдинг. И според документите, како сопственик фигурира на Фондацијата Свети Маченик Димитриј Солунски основана на 14 април, 2014 година. Освен него, како сопственици на истата фондација се водат и браќата Сашо и Владимир Мијалкови, како и Илија Кусакатски. Основна цел на оваа фондација е изградба на црква во Ново Село, Штип, и соработка со верските заедници, сѐ со цел развивање на етиката и моралот и чување на традиционалните и христијанските вредности.

Тој е, исто така, директор и на Фондацијата Илија Камчев, основана на 1 декември, 2011 година, а како сопственик фигурира познатата „Орка Холдинг“.

Рамка 2:

СЕСТРАТА НА КАМЧЕВ СО ПОВЕЌЕ ФИРМИ ВО СЕМЕЈНИОТ БИЗНИС

Сестрата на Камчев, Кристина е сопственик, управител, овластено лице, член на извршни и неизвршни одбори на повеќе фирми. Нејзиното име како сопственик и управител фигурира и во компанијата „Р&Д Центер“, која врши дејност – трговија на големо со фармацевтски производи.

Според документите од Централниот регистар, историјата на фирмата е позната, односно таа е формирана на 4 декември 2019 и е лоцирана на познатата адреса „Скупи 3А“ во Карпош. Документите покажуваат и уште една фирма, дел од семејниот бизнис, а станува збор за „Орка Фајнанс“, која е основана на 8 февруари 2010 година.

Оваа компанија официјално фигурира на име на семејството Камчеви, па како нејзин сопственик се води Ратка Куноска-Камчева, а како управител нејзината ќерка и сестра на Камчев.

Рамка 3:

КАКО „БЕТОН ШТИП“ ОТИДЕ ПОД СТЕЧАЈ?

 Компанијата „Бетон Штип“ во јули 2019 г. отиде под стечај, а како стечајни управници се водат Живко Калков и Драги Димовски. Оваа фирма беше вмешана во предметот на сега згаснатото СЈО „Тендери“ против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, која е обвинета за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања за местење тендер.

Според воведните зборови на СЈО тогаш на судењето, поранешниот генерален директор на „Бетон Штип“ Илија Бреслиски во улога на сведок тврдеше дека обвинетата Канческа-Милевска како министерка за култура во 2011 г. му кажала градежната компанија да ги изведе сите градежни работи пред Музејот на ВМРО и да не го чека тендерот, бидејќи средила да го добие неговата компанија.

Според последниот сертификат изготвен од брокерска куќа, објавен на веб-страницата на градежната фирма, во сопственичката структура биле компаниите ТИМ ДОО Скопје со 8.150 акции и со право на глас од 19, 50%, Орка Холдинг АД Скопје со 7.101 акција и со право на глас од 16, 99%, Езимит ДООЕЛ Штип со 6.611 акции и со право на глас од 15. 81%, ДПТИ Ексико ДООЕЛ Скопје со 6.000 акции и право на глас од 14, 35%.

Според документите, Ванче Мијалчев се водел како извршен директор на градежната компанија, каде Тодор Мирчевски е неизвршен член, Дејан Панделески е претседател на Одборот на директори, а Камчев е неизвршен и независен член, сите обвинети во „Империја“.

Рамка4:

„ГЛАВНА ЅВЕЗДА“ И ВО РЕКЕТ

Бизнисменот Камчев имаше главна улога во случајот „Рекет“, што пукна минатата година, средината на јули, во кој обвинети се Бојан Јовановски, познат како Боки 13, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец. Тие седнаа на обвинителна клупа откако претходно познатиот бизнисмен како главен сведок ги обвини дека го рекетирале и му зеле 1,5 милион евра за кои уште не се знае каде завршиле. Кичеец го призна делото и заврши со тригодишна затворска казна, додека, пак, Боки доби девет, а Јанева седум години зад решетки.

Рамка 5:

КАМЧЕВ ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“

 „Фокус“ испрати неколку прашања и на приватниот телефон на Камчев за да ни објасни зошто постепено се повлекува од дел од компаниите со кои управуваше, зошто фирмата од Новачевски, па преку семејството Камчеви на крај завршува кај сопругата на Самсоненко, колку лекари во време на пандемијата со Ковид 19 дошле на работа во Систина, но до затворањето на весникот од познатиот бизнисмен не добивме повратни одговори.

Рамка6:

ГРУЕВСКИ СИ КУПИЛ ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО, НОВАЧЕВСКИ, КАМЧЕВ, МИЈАЛКОВ СЕ СОМНИЧАТ ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ

Поранешниот премиер Груевски со пари на ВМРО-ДПМНЕ си купил плацеви на Водно во вредност од 1,3 милиони евра, информираа од обвинителство во понеделникот.

Во соопштението се наведува дека во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година средствата прибавени со кривичното дело – Затајување од чл.239 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик ги пуштил во оптек со купување на градежно земјиште на Водно. Второосомничениот, иако знаел дека паричните средства се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственик на веќе регистрирана офшор-фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро-сметката да му бидат дадени на располагање. Во јули 2012 година била основана фирма-ќерка во Скопје на која, по претходен договор со првоосомничениот, станал управител третоосомничениот. На сметката на правното лице во повеќе наврати биле пуштени во оптек средствата прибавени со кривично дело. По постигнување на согласност за купопродажната цена, третоосомничениот во својство на управител на правното лице извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000 квадратни метри.

Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првоосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петтоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6785м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена.

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости