Во неделата се одржа 36-то издание на реномираниот фестивал на народни песни „Валандово 2023”, каде првата награда ја освои Мишко Крстевски, а на второ место се најде младата Елена Андоновска со песната „Ни седум неба, ни седум гори”.
Покрај втората награда од жири и публика, Елена освои уште две награди на фестивалот, за најдобар аранжман и за најдобра вокална интерпретација.
Песната „Ни седум неба, ни седум гори” е со музика на Горјан Стојановски, текст на Борче Нечовски и аранжман на Дарко Илиевски.
Елена е позната во естрадните кругови како вокален солист и дел од хорот во „Танец” во изминатите 15 години, а како што раскажува за „Фокус”, секојдневието и е исполнето со музика, бидејќи и нејзиниот сопруг Марјан е дел од „Танец”, а заедно настапуваат и со бендот „Седенка”.
По потекло од Скопје, 34-годишната пејачка на народни песни е мајка на три момчиња, и вели дека е горда што придонесува за популарноста на македонската народна песна.
-Имам издадено два албуми со обработки на македонски народни песни „Кој што ме чуе да пеам” и „Запеало славеј пиле”.
Мои авторски песни се „Седма зима” и „Преку седум неба” кои исто така ги испеав на валандовскиот фестивал.
Во 2019 година за песната „Седма зима” добив награда за најдобра вокална интерпретација, трето место од жири и публика и најдобар аранжман.
Оваа година исто така со три награди за песната „Ни седум неба ни седум гори”. Наградите премногу ми значат, посебно наградата „Никола Бадев” за најдобра вокална изведба и секако второто место од публиката и стручното жири- раскажува Елена.
Додава дека ја радува одличната реакција на публиката која ја забележала, а за време на тонската проба и колегите и дале поддршка и комплименти за изведбата.
-Своевидни победници на „Валандово” сме сите бидејќи придонесуваме да живее и постои македонската народна песна!
Подготвувам нов музички проект кој ќе биде промовиран наскоро во духот на народната музика по која сум препознатлива.
А кон крајот на годинава следува солистички концерт – истакнува пејачката.
Вели дека со помош на поддршката разбирањето од страна на сопругот Марјан, може да постигне да одговори на сите ангажмани.
-Марјан ми е сопруг, но и колега во „Танец”. Заедно настапуваме со бендот „Седенка”, заедно се грижиме за нашите три момчиња, се поддржуваме меѓусебно на секое поле, а песната ни е секојдневие по дома – раскажа Елена.
Вики Клинчарова