Сума од 2.418.095 денари им била исплатена на музичарите кои годинава настапија на ,,Пивофест 2018’’ , информира градоначалникот на општината, Илија Јовановски.
Според него, на 16 –то издание на фестивалот имало над 200.000 посетители, и немало посериозни инциденти.
-Јас сум задоволен од организацијата и реализацијата на годинешниот ,,Пивофест 2018’’, и тоа од едноставни причини. Четири денови имавме добра забава, на која сите граѓани и гости одлично се забавуваа. Имаше одлична атмосфера и немаше никакви сериозни инциденти. Хигиената беше на високо ниво и уште во раните утрински часови градот беше исчистен, сите јавни претпријатија прфесионално ја извршија работата. Дури и невремето кое синоќа се случи околу 21 часот, не ги поколеба граѓаните да продолжат со забава и дружење. Сакам да упатам благодарност до организаторот на ,,Пивофест 2018’’, агенцијата ,,Ентфинити”, кои што заедно со дел од вработените во Општина Прилеп го дадоа својот максимум, беа посветени на работата, за да дојдеме до крајната цел, четирите фестивалски денови да бидат успешни – информираше градоначалникот.
За организација на „Пивофест 2018”, со одлука на Советот на Општина Прилеп, од општинскиот буџет биле издвоени 2,5 милиони денари, а градоначалникот Јованоски ги соопшти податоците за хонорарите кои им биле исплатени на дел од учесниците. Согласно потпишаните авторски договори, на учесниците им била исплатена вкупна сума од 2.418.095,00 денари.
Како рекордер со највисок хонорар се шпекулира дека е Кирил Џајковски со 891.222 денари, но градоначалникот сеуште ја нема потврдено информацијата. Хонорарите на дел од останатите музичари кои настапија, а кои Јовановски јавно ги потврди се следните: Тони Зен – 154.250 денари, плус персонален данок, Александра Јанева – 43.150 денари, Фортисимо Бенд – 30.850 денари, Некст Тајм – 154.250 денари, Црвена Јабука 370.200 денари, Дарио – 215.950 денари, Бени и Нон Стоп – 184.500 денари. Покрај нив, свои настапи имаа и Шабан Шаулиќ, Милица Тодоровиќ, Либеро Бенд, Ван Гог и други.
Според градоначалникот, набргу на увид на целата јавност ќе бидат сите хонорари на музичарите кои настапија.
Вики Клинчарова