Додека турски граѓани на улиците во Истанбул, Анкара и други градови го прославуваат спречувањето на државниот удар од страна на дел од армијата, откако скоро 3.000 заговорници и учесници во пучот беа уапсени, осуммина турски војници пребегаа во Грција.
Нивната судбина е се уште неизвесно, бидејќи грчките власти најавија дека на Турција експресно ќе и го вратат хелихоптерот со кој тие слетале, но во однос на нивната екстрација посочија оти дополнително ќе одлучат, согласно меѓународното право.
Турската влада бара екстрадиција и на проповедникот Фетулах Ѓулен, откако го посочи како инспиратор на пучот. Ѓулен живее во САД, па турскиот премиер Бинали Јилдирим порача дека неговата земја нема да биде пријател со државата која го крие Ѓулен.
Турските медиуми објавија дека екс офицерот во турската армија, полковникот Мухарем Косе, е организатор на пучот. Тој бил истеран од армијата во март оваа година токму поради поврзаност со Ѓулен, кој, пак, ги отфрли ваквите обвинувања на неговата адреса.
Градоначалникот на Анкара, Мелих Гогчек, истакна дека во обидот за соборување на власта на Реџеп Таип Ердоган учествувал и пилотот што го собори рускиот авион, што ги заостри односите меѓу Анкара и Москва. Според чеченскиот претседател Рамзан Кадиров, зад овој неуспешен обид стојат прозападно ориентирани руски офицери.