Информацијата дека поранешниот пратеник и претседател на СРМ, Амди Бајрам ќе биде погребан на Алејата на великани, која ја објавија вчера наутро од неговата партија, предизвика низа на прашања од страна на јавноста, околу тоа кој и според кои критериуми може да се смета за великан, а со тоа и да почива на алејата.
Набргу по реакциите, од управата на АД Бутел, за порталот Либертас го демантираа соопштението на партијата СРМ, со појаснување дека Барјам ќе биде погребан на муслиманска парцела позади еврејските гробишта на Бутел, а не на Алејата на великаните.
Во телефонски разговор за ,,Фокус”, Аднан Мемед од СРМ, одби да ги открие деталите околу тоа како излезе во јавност веста дека поранешниот пратеник и претседател на СРМ ќе биде погребан на алејата.
-Не сум во состојба да давам било какви изјави, не можам ништо да ви кажам на темата – беше краток Мемед, не откривајќи кој стои зад првичното соопштение дека Бајрам ќе почива на алејата, што на крај се испостави како неточна информација.
Со тоа, во јавноста се актуелизираа прашањата чија е одлуката дали некој ќе почива на алејата, дали има посебна комисија која го има последниот збор и кој е надлежен, односно како оди целата процедура за добивање на гробно место покрај великаните.
Одговорот на прашањето кој и според кои критериуми ја носи таа одлука, односно какви заслуги треба да има починатата личност за да почива на алејата, се обидовме да го добиеме од надлежните во АД Бутел.
Оттаму во телефонски разговор за ,,Фокус”, директорот на акционерското друштво, Тони Зајков потврди дека Бутел не одлучува кој ќе биде погребан на алејата, туку тоа е во надлежност на посебни органи.
-Град Скопје или пак надлежно министерство одлучува кој ќе почива на Алејата на великани, а не АД Бутел. Од таму ние ги добиваме насоките, а во случајов со Амди Бајрам, никој не ни даде такво известување. Ние немаме овластување да одлучуваме, дури и надлежните органи се должни за одржување на тој дел на гробиштата, односно за уредување и одржување на Алејата на великаните. Со одлука на Влада може да се додели гробно место во алејата, што вчера не беше случај – информираат од АД Бутел.
Од Град Скопје, пак велат дека има правилник според кој се одлучува кој ќе почива во алејата.
-Град Скопје го има финалниот збор околу одлуката кому ќе му биде доделено место во Алејата на великани во Бутел. Има правилник, треба да бидат исполнети повеќе услови. Не значи дека ако некој бил пратеник дека по автоматизам му следува место во алејата. Лицата кои таму почиваат треба да имаат добиено повеќе признанија и државни награди, има комисија која одлучува според утврдени критериуми – изјавија од таму.
Инаку, во Алејата на великаните почиваат политичари, писатели, народни херои, поранешни претседатели, министри, и единствената личност од светот на музиката, Есма Реџепова – Теодосиевска.
Тука се погребани и првиот претседател на земјава, Киро Глигоров и неговата сопруга Нада, Борис Трајковски, Лазар Колишевски, Блаже Конески, Михо Михајловски, Раде Јовчевски – Корчагин, Кузман Јосифовски – Питу, Љупчо Арсов, Димитар Влахов, Крсте Црвенковски, Михајло Апостолски, Никола Кљусев, Ванѓа Чашуле, Емануел Чучков и Благоја Попов.
Овој дел од гробиштата се смета за почивалиште на лица кои извршиле големо влијание врз човештвото со своите заслуги и дела кои ги оставиле зад себе.
Вики Клинчарова