Откако предизвика сообраќајка во период кога му бил прекинат затворскиот престој поради лекување, осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески-Кичеец прво доби притвор, па набргу потоа беше однесен да продолжи да ја отслужува затворската казна, со тоа што отсега ќе престојува во полуотворено наместо во отворено одделение.
Во меѓувреме, во јавноста се актуелизираше прашањето за идентитетот на луѓето кои биле во друштво на Кичеец. Официјално, според Министерството за внатрешни работи, тој во неговото возило бил со двајца српски државјани со иницијали П.Ж.(51) и М.М.(42).
Во полицискиот билтен не се откриваат повеќе детали, но, како што дознава Фокус, станува збор за лицата Предраг Живановиќ и Миле Маројевиќ, кои во земјава биле од бизнис причини, односно планирале инвестициски проект. Деновиве, нив ги спомена и претседателот Стево Пендаровски, кој рече:
„Милевски бил со двајца странски државјани, нешто кое посебно ме интересира е кои се тие странски државјани. Дали можеби некој е двоен државјанин, македонско и тоа другото и тоа ќе биде интересно да се види, а тоа истрагата ќе треба да го покаже дали е точно…“.
Според информациите до кои дојдовме, Пендаровски не алудира дека еден од двајцата српски државјани имаат двојно државјанство, туку на друго лице. Тоа е припадникот на Агенцијата за национална безбедност, за кого реагираше и опозицијата.
–Согласно информациите кои ги поседуваме, на местото на настанот биле видени и лица дел од Шестата управа, цел ден се вршат притисоци врз лица кои биле сведоци на настанот и врз медиуми да не изнесуваат информации за сообраќајката. Се вршат притисоци за прикривање… – изјави после сообраќајката Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Неофицијално, се работи за активен припадник на АНБ со иницијали М.Т. од Охрид, кој не дошол на лице место после сообраќајката, туку возел веднаш зад Кичеец со друго возило. Добро упатени извори велат дека тој своевремено поседувал државјанство на една соседна држава, но добил отпуст од државјанството во експресна постапка непосредно пред формирањето на АНБ.
Како што е познато, со нејзиното формирање како независна агенција се укина Управата за безбедност и контраразузнавање, која беше составен дел од МВР. Меѓутоа, префрлувањето на кадрите од УБК кон АНБ се вршеше со спроведување на безбедносни проверки, а еден од условите беше новите вработени да немаат друго државјанство освен македонското.
Сепак, се поставува прашањето како припадникот на АНБ, кој бил во придружба на Кичеец, успеал да добие отпуст од странското државјанство за краток рок, кога се знае дека е потребен извесен период да се извршат проверки дали лицето што поднело такво барање има неподмирени обврски кон државата? Како и да е, тоа му овозможило да го мине филтерот за влез во АНБ.
В.С.